• понеделник, 01 јули 2024

Карбинци ќе набави ново комунално возило

Карбинци ќе набави ново комунално возило

Карбинци, 9 март 2024 (МИА) - Специјално комунално возило ќе набави Општина Карбинци за потребите на ЈП „Плачковица“. Директорката на комуналното претпријатие „Плачковица“, Елена Коцева вели дека со помош на ова возило смет ќе се собира и од плачковичките села, што не беше пракса до сега. Возилото ќе биде со двојно поголем капацитет од сегашното односно со капацитет од десет кубика. Во крајна фаза е подготовката на тендерската постапка, со што се очекува до крајот на летото претпријатието да добие ново возило.

-Општина Карбинци спроведе форумски сесии на кои граѓаните потенцираа дека приоритет е да се набави ново возило за собирање на смет. Ова е од големо значење и за нас. Ќе се прошири капациетот за собирање на ѓубре во повеќе населени места кои досега не биле опфатени, изјави Коцева.

Таа додаде дека продолжува процесот за чистење на дивите депонии на територија на Карбинци. Коцева потенцира дека се во завршна фаза, со што се очекува местата каде некогаш се собирало ѓубре да бидат претворени во зелени површини согласно потребите на граѓаните.

-Со чистењето на дивите депонии во Карбинци сметот го одлагаме во Штип со што се зголемени трошоците за транспорт. Чистењето на дивите депонии е во завршна фаза, сега следува фаза на затрупување на почвата и оплеменување односно озеленување на површините кои претходно беа депонии, рече Коцева. вдј/дма/

Фото: МИА 

Остани поврзан