• среда, 15 мај 2024

Карбинци нема да одобрува барања за поставување фотоволтаици на земјиште до трета класа

Карбинци нема да одобрува барања за поставување фотоволтаици на земјиште до трета класа
Карбинци, 28 октомври 2022 (МИА) - Општина Карбинци нема да одобрува барања за поставување фотоволтаици на земјоделски површини од прва до трета класа. Ова е  одлука на градоначалникот и на дел од советниците во Советот, со цел заштита на земјоделците и плодната почва. Градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов на денешната прес-конференција истакна дека ова не е трајно решение, бидејќи одобрение може да се добие во институциите на повисоко ниво. Тој  апелира да се направат законски измени. - Пред денешната седница на Советот на Општина Карбинци, советничката група предводена од ВМРО – ДПМНЕ и јас како градоначалник оформивме цврст став во однос на пренамената на земјоделското земјиште во градежно со онаа намена за фотоволтаични системи. Нашиот став е јасен, повеќе нема да се даваат согласности во врска со пренамената од прва до трета класа. Меѓутоа, Законот за земјоделско земјиште не ги ограничува оние инвеститори или сопствениците коишто ја продаваат земјата да си поднесат вакви иницијативи. Затоа ние како Локална самоуправа бараме да се донесат измени во Законот за да го заштитиме земјоделското земјиште,  вели Паунов. Во  индустриската зона во Општина Карбинци е планиранo земјиште токму за фотоволтаици. Паунов додава дека општината досега има добиено барања за околу 20 мегавати вкупна јачина, па заедно со соларната електрана која Владата ја најави како стратешка инвестиција, карбинското поле ќе биде со капацитет од вкупно 100 мегавати на час. Во изминатаtа година прифатени се две барања, но ниту едно не е за земјоделско земјиште со повисока категорија од трета класа. -Во овој момент, од кога сум јас градоначалник, имам издадено две дозволи за такви инвестиции. Едната е на урбанизирана површина, во самата индустриска зона во атарот на селото Таринци, а другата е по пат на пренамена од земјоделско во градежно земјиште со пониска категорија од трета класа, рече  Паунов. Пред еден месец ваков став и тоа единствен на сите политички чинители зазедоа и градоначалникот на Општина Свети Николе, Дејан Владев и советниците во Советот на Општина Свети Николе. Владев и советниците се децидни дека не издаваат одобрение за пренамена на земјоделско земјиште што се до четврта класа. вдј/цр  

Остани поврзан