• понеделник, 23 декември 2024

И натаму расте рејтингот на германската десничарка популистичка партија АфД

И натаму расте рејтингот на германската десничарка популистичка партија АфД

Берлин, 22 јули 2023 (МИА) – Продолжува да расте популарноста мна германската десничарската популистичка партија Алтернатива за Германија (AfD) и таа во моментов ужива поддршка од 22 отсто од гласачите, покажува најновото истражување на јавното мислење објавено денеска во дневниот весник Билд.

АфД заостанува само четири отсто зад моментално најпопуларната партија во Германија, Унијата на ЦДУ/ЦСУ, се гледа од неделното истражување на јавното мислење спроведено од Институтот Инса за дневниот весник Билд.

АфД сега би ја избирале 22 отсто од анкетираните, што е најдобар резултат за оваа партија досега и зголемување од два отсто во споредба со минатата недела и двојно повеќе од изборите за Бундестагот во 2021 година.

-Ова е најдобриот резултат за AфД. Христијанско-демократската унија и натаму е на првото место со 26 отсто, но разликата е се помала и помала, кажа директорот на Институтот Инса, Херман Бинкерт.

Владејачката Социјалдемократска партија на Германија (СПД) ужива поддршка од 18 отсто од гласачите, а Партијата на зелените, која е и во коалициската влада на канцеларот Олаф Шолц, ја поддржуваат 14 отсто од анкетираните.

За третата владејачка партија, Либерално-демократската партија (ФДП) во моментов би се изјасниле седум отсто од избирачите. Партијата Левица е на работ на изборниот праг со пет проценти.

Причините за растот на популарноста на АфД, која во некои сојузни држави е на списокот на организации кои работат против уставниот поредок, аналитичарите ги гледаат во незадоволството на граѓаните од работата на актуелната власт.

Според истото истражување, 70 отсто од испитаниците се незадоволни од работата на социјалдемократско-зелено-либералната влада. Граѓаните генерално се незадоволни од мерките што Владата ги подготвува за борба против климатските промени, но и од неможноста да се запре бегалскиот прилив кој годинава повторно драстично е зголемен.сд/

фото:МИА архива

 

 

 

 

 

 

Остани поврзан