• сабота, 23 ноември 2024

Исчистена дивата депонија во делчевската населба Милково Брдо

Исчистена дивата депонија во делчевската населба Милково Брдо
Делчево, 7 февруари 2021 (МИА) - Екипи на делчевското комунално претпријатие „Брегалница“ продолжуваат со чистење на дивите депонии во Делчево. Деновиве, како што информираше директорот на претпријатието Стојче Стојковски, се работеше на дивата депонија над населбата Милково Брдо создадена покрај патот за главната депонија Острец.
-Депонијата создадена од градежен шут и најразличен друг отпад што несовесните граѓани постојано го фрлаат на овој терен, се чистеше со механизација. Оваа појава во овој дел од градот е честа заради што граѓани кои живеат во близина често реагираат да биде исчистена, рече Стојковски.
Тој додаде дека од почетокот на годината се исчистени повеќе депонии во општината и упати апел до граѓаните за поголема свест за животната средина, да не се создаваат диви депонии кои ја нагрдуваат средината и се потенцијална опасност по здравјето на жителите.
-Акциите се во согласност со нашата годишна програма за чистење диви депонии, согласно која од почетокот на годинава, екипи на ЈКП ,,Брегалница" ги исчистија дивите депонии создадени кај реката Желевица во с. Тработивиште, Црквенска Река, депонијата над Ѕвегорска Река, депонијата кај одводниот канал во село Габрово, одводен канал во село Вирче, како и депонијата на градежен шут Ралова Чука, истакна Стојковски.
Од ЈКП „Брегалница“ во соработка до Општина Делчево најавуваат продолжување на акцијата за чистење на дивите депонии, речни корита и канали и во другите населени места во општината. вс/ки/

Остани поврзан