• петок, 22 ноември 2024

Истражување на „Аналитика“: 51 отсто од 313 анкетирани средношколци во Скопје биле жртви на сајбер напад

Истражување на „Аналитика“: 51 отсто од 313 анкетирани средношколци во Скопје биле жртви на сајбер напад

Скопје, 29 февруари 2024 (МИА) - Учениците ги разбираат можностите што ги нуди дигитализацијата, но 43,5 проценти од испитани во анкета како најголем предизвик во дигиталната трансформација ги гледаат зачестените сајбер-напади. 

„Аналитика тинк-тенк“ денеска презентираше резултати од истражување спроведувано седум месеци кое опфатило 313 ученици, со примена на анкетен прашалник со 25 прашања. Анкетирани биле ученици од три средни скопски училишта – гимназиите „Никола Карев“ и „Георги Димитров“ во Карпош и средното стручно училиште „Шаип Јусуф“ во Шуто Оризари.

Како што истакна  Маја Христовска, проектен експерт од „Аналитика“, еден од резултатите е дека 51 процент од младите биле жртви на сајбер-напади.

-Генерално, станува збор за сајбер-булинг. Во истражувањето се покажа дека голем дел од училиштата спроведуваат интерни кампањи и учениците се доволно едуцирани дека треба да побараат помош. Најмногу помош бараат од родителите и од стручните служби, меѓутоа голем процент од учениците бараат помош и од нивните соученици, рече Христовска на завршната конференција од проектот „Унапредување на знаењата и вештините кај младите за примена на мерките за сајбер-безбедност и придобивките од дигитализацијата“ имплементиран од „Аналитика“ и финансиски поддржан од Фондација Отворено општество.

Случаите на сајбер-насилство биле различни, еден дел од учениците биле жртви од надворешна страна, од предатори, а некои се жртви од нивни соученици. 

-Сметаме дека недостигаат одредени програми во училиштата кои би содржеле теми од областа на сајбер-безбедност односно цениме дека треба малку да се унапредат програмите со вакви теми, а исто така целокупниот образовен процес потребно е да образува ученици кои ќе бидат дигитално флуентни и ќе можат подобро да се снајдат во дигиталната ера, нагласи Христовска.

Според неа, најдобро е учениците најпрво помош да побараат во училиштата, да се обратат кај нивните класни раководители или кај стручните служби, а и кај родителите. 

Во рамки на проектот е воспоставен и концептот на врсничка едукација и во трите училишта се основани формални врснички клубови за едукација каде што учениците врснички едукатори во иднина ќе спроведуваат акции за да ги мобилизираат и другите ученици да се вклучат во кампањата за справување со насилството. 

Препораки за  примена на мерките за поголема сајбер-безбедност во интернет-просторот се дадени и во едукативниот прирачник, објавен во рамки на овој проект и промовиран денеска, но Христовска смета дека и училиштата имаат прецизни протоколи како да се справат со видовите насилство. 

Прирачникот е наменет за наставници, ученици и родители и идејата е тој да биде ресурсен материјал во училиштата. Во таа насока се обучени и 15 професори за унапредување на училишните програми со теми од сајбер-безбедност, обуучени се и 15 врснички едукатори, а исто така дизајнирана е и ставена во функција мобилна апликација со едукативен и информативен карактер. хс/бак/

Фото: МИА 

 

 

 

 

 

Остани поврзан