• петок, 22 ноември 2024

Исплатена првата транша од итната финансиска поддршка на ЕУ за Палестинската управа

Исплатена првата транша од итната финансиска поддршка на ЕУ за Палестинската управа

Брисел, 31 јули 2024 (МИА) - Европската унија денеска ја исплати првата транша од нејзината краткорочната итна финансиска поддршка за Палестинската управа во износ од 150 милиони евра, наменета за задоволување на нејзините најитни финансиски потреби и за поддршка на нејзината суштинска и кредибилна реформска агенда, соопшти Европската комисија. 

Според претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, ЕУ е целосно посветена да ја поддржи Палестинската управа во „овие тешки времиња“. 

- Нашата итна помош од 400 милиони евра е наменета за поддршка на значајна реформска агенда и го отвора патот за обнова и реконструкција на Газа, посочи Фон дер Лајен. 

Според неа, силната и реформирана Палестинска управа е клучна за остварување на „заедничката цел“ за мировно решение со постоење на две држави – Израел и Палестина, како „единствен начин за одржлив мир и за Израелците и за Палестинците“. 

Денешната исплата на 150 милиони евра од вкупно предвидената сума од 400 милиони, следи по потпишувањето на Писмото за намери од страна на Европската комисија и Палестинската управа, во кое се утврдува стратегија за „справување со критичната буџетска и фискална ситуација на Палестинската управа“. 

Од сумата од првата транша, 58 милиони евра се грантови наменети за исплата на плати и пензии на државните службеници на Западниот Брег и за поддршка на ранливите семејства, а останатите 92 милиони се обезбедени преку кредитна линија на Европската инвестициска банка (ЕИБ). 

Според планот, следните два исплати на преостанатите средства од помошта се предвидени за август и септември, под услов Палестинската управа да се постигне напредок во спроведувањето на реформската агенда. 

Комисијата воедно најавува дека на почетокот на септември ќе претстави законски предлог за „Сеопфатна програма за зајакнување и издржливост на Палестина“, со која ќе биде предвиден помош за Палестинската управа за постигнување буџетска рамнотежа до 2026 година и обезбедување долгорочна финансиска одржливост. Сите исплати на средства во рамките на оваа долгорочна иницијатива ќе зависат од напредок во спроведувањето на договорените реформски планови. 

Европската Унија е најголемиот донатор на надворешна помош за Палестинците. За периодот 2021-2024 година според Европската заедничка стратегија предвидена е помош за Палестинците во износ од речиси 1,2 милијарди евра, од кои над 890 милиони евра се веќе исплатени. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан