• петок, 22 ноември 2024

Ислам Абази: Условите во новите простории за работа се далеку подобри

Ислам Абази: Условите во новите простории за работа се далеку подобри

Скопје, 1 март 2024 (МИА) – Имаме далеку подобри услови за непречено функционирање во зграда и безбедна средина, а го надминавме и двојното плаќање на сметки, информираше денеска шефот на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Ислам Абази. 

На брифинг со новинари, Абази информираше дека зградата со новите простории на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) кои се наоѓаат на на улица „Григор Прличев“ број 1 (поранешен Државен архив) се протега на над над 1 000 метри квадратни со деловни површина од над 300 м2. 

Тој кажа дека новата зграда во која се преселија е доделена со одлука на Влада уште во 2012, а во 2016 почнале градежни работи на реконструкција.

- Дел од мебелот е обезбеден преку ИПА и дел мебел што сме го користеле, а доста дел земавме и од поранешното Специјално јавно обвинителство, посочи тој. 

Во зградата, меѓу другото, како што информираше, има форензичка лабораторија и една просторија за деца жртви и заштитени сведоци, изградени со помош на проект од Европската Унија.

Просториите на ОЈО ГОКК претходно се наоѓаа во зградата на Апелациониот суд во Скопје.

На брифингот обвинителот Абази дополни дека склучиле неколку меморандуми за соработка, како што се со Агенција за катастар, Агенција за вработување, Централен Регистар на Република Северна Македонија, а имаат и договор за соработка со Народна Банка и е отворена постапка за активирање на „хост систем“ што го користи и Министерството за внатрешни работи. ар/нд/

Фото: МИА

Остани поврзан