• сабота, 18 мај 2024

Индиските трупи ги напуштија Малдивите

Индиските трупи ги напуштија Малдивите

Њу Делхи, 10 мај 2024 (МИА) – По барање од Малдивите, Индија целосно ги повлече своите трупи од архипелагот во Индискиот Океан, јави ДПА.

Портпаролката на претседателот на Малдивите Мохамед Муицу денеска го потврди потегот, јави локалната медиумска групација Сан.

Индискиот министер за надворешни работи Субрахмањам Џаишанкар претходно изјави дека војниците биле заменети со цивилен персонал од Индија.

Индиските војници беа стационирани на Малдивите, земја со тропски острови и атоли југозападно од Шри Ланка и Индија, од 2010 година.

Тие помагаа да се надгледува огромната морска област за нелегален риболов и шверц на дрога, а исто така помогнаа во транспортот на пациентите од оддалечените острови до болниците. Обезбедувањето поддршка во случај на катастрофи исто така беше дел од нивната мисија.

Малдивите традиционално потпаѓаат во сферата на влијание на Индија, иако Кина се повеќе бара пристап до стратешки важниот архипелаг на Индискиот Океан, пренесува ДПА.

Односите меѓу Индија и Малдивите се затегнати подолго време.

Муицу водеше кампања со ветување дека ќе го намали влијанието на Њу Делхи во корист на поголема улога на Пекинг и се обиде да стави крај на военото присуство на Индија.

Во исто време, тој ги интензивираше односите на неговата земја со Кина.

Малдивите се дел од кинеската инфраструктура и инвестициска иницијатива „Појас и пат“, но добиваат и развојна помош од Индија. јт/

Фото: ЕПА илустрација

Остани поврзан