• сабота, 27 април 2024

Израел ги повлече војниците од Кан Јунис во јужниот дел на Газа

Израел ги повлече војниците од Кан Јунис во јужниот дел на Газа

Тел Авив/Газа, 7 април 2024 (МИА) - Израелската армија соопшти дека ги повлече своите сили од градот Кан Јунис, најголемиот во јужниот дел на Појасот Газа, јави ДПА.

-98-та командоска дивизија на ИДФ ја заврши својата мисија во Кан Јунис. Дивизијата го напушти Појасот Газа со цел да се опорави и да се подготви за идните операции, соопштија израелските одбранбени сили (ИДФ).

-Значителен број израелски војници продолжуваат да дејствуваат во Појасот Газа и ќе ја зачуваат слободата на дејствување на ИДФ и нејзината способност да спроведува прецизни операции засновани на разузнавање, се вели во извештајот.

Првично беше нејасно дали повлекувањето од Кан Јунис означи пресвртница во стратегијата на Израел во тековната војна во Газа или нова средна фаза на патот кон можна операција во градот Рафа на границата со Египет, забележува ДПА.

И покрај силното меѓународно противење, Израел со недели тврди дека планира копнен упад од големи размери во Рафа, каде што повеќе од еден милион Палестинци моментално се засолнети од борбите на друго место во затвореното крајбрежно подрачје.

Армијата вчера објави дека го пронашла телото на израелски заложник во Кан Јунис. Градот се смета за важно упориште на палестинската екстремистичка организација Хамас, која ги предводеше невидените напади врз Израел на 7 октомври, наведува ДПА. мс/

фото: ИДФ

Остани поврзан