Израелската војска повторно спроведува операција во областа на болницата „Ал Шифа“ во Газа
- Израелската армија денеска соопшти дека повторно распоредува војници во областа на болницата „Ал Шифа“ во градот Газа, јави ДПА.
Газа, 18 март 2024 (МИА) - Израелската армија денеска соопшти дека повторно распоредува војници во областа на болницата „Ал Шифа“ во градот Газа, јави ДПА.
Во тек е „прецизна операција“ во областа на болницата „Ал Шифа“, објавија израелските одбранбени сили (ИДФ) во објава на Телеграм рано утрово. ИДФ соопшти дека разузнавачките служби укажале дека високи членови на палестинската група Хамас ја користат тешко оштетената болница „за спроведување и промовирање терористички активности“.
-Пред почетокот на операцијата, војниците добија „инструкции за важноста на мерките на претпазливост, како и за мерките што треба да се преземат за да се избегне штета на пациентите, цивилите, медицинскиот персонал и медицинската опрема“, соопшти ИДФ.
Од пациентите и медицинскиот персонал не се бара да ја напуштат болницата. Војската соопшти дека „ќе продолжи да дејствува во согласност со меѓународното право и против Хамас, „која работи од болници и цивилна инфраструктура на систематски и циничен начин“.
Американската влада, исто така, го поддржа тврдењето на Израел дека Хамас ја користел најголемата болница во Појасот Газа како команден центар и складиште за оружје.
Израелската војска упадна во болницата „Ал Шифа“ во средината на ноември и покрај широките меѓународни критики. ИДФ соопшти дека таму откриле комплекс од тунели на Хамас. мс/
фото: МИА архива