• недела, 22 декември 2024

Изложба „Станица пропаганда“ на Јонас Стал во Музејот на современа уметност - Скопје  

Изложба  „Станица пропаганда“ на Јонас Стал во Музејот на современа уметност - Скопје  

Скопје, 27 февруари 2024 (МИА) - Самостојна изложба   „Станица Пропаганда“ на холандскиот уметник Јонас Стал  ќе биде отворена на 1 март (20:00) во Музејот на современата уметност (МСУ) - Скопје.

-Стал, кој ќе биде специјален гостин на музејот, е препознатлив по истражување на односот помеѓу уметноста, пропагандата и демократијата, а неодамна ја доби и престижната награда за визуелни уметности „Prix de Rome“. Кураторка на изложбата е Ивана Васева, информира МСУ - Скопје. 

Еден од главните елементи кои ја градат инсталацијата на Стал, специјално создадена за Музејот на современата уметност - Скопје е видео студијата „Пропаганден театар“ од 2023 година, преку која го
сумира десетгодишното истражување за пропагандата.

Ставот на уметникот, посочува МСУ, е дека пропагандата не е само испраќање и манипулирање на некоја порака, туку има за цел да конструира нови реалности. Според Стал, пропагандистите немаат интерес да работат во рамки на постоечката реалност, туку сакаат да создаваат нови светови.

Следниот ден на 2 март, со почеток во 12 часот, во соработка со кураторката, Стал организира Школа за пропаганда со наслов „АНТИКВИЗАЦИСКА ПРОПАГАНДА. Од Скопје 2014 до Скопје - Eвропска
престолнина на културата 2028“. Влезот ќе биде слободен.

Во 2021 година, Стал ја донираше на МСУ инсталацијата „Нови Сојузи“ (New Unions 2016 – 2019), која беше дел од групната изложба „Се што ни е заедничко“, а делото ќе може уште еднаш да се погледне на изложбата „ АКВИЗИЦИИ - ДОНАЦИИ 2022-2023“, курирана од Ива Димовски, која ќе се
отвори кон средината на оваа година.

Стал го заврши своето докторско истражување за пропагандна уметност на Универзитетот Лајден, Холандија. Основач е на уметничката и политичка организација „Нов светски самит“ (2012–тековно). Заедно со драматургот и куратор Флоријан Малзахер го води тренинг кампот „Обука за иднината“
(2018-тековно), а со адвокатот за човекови права Јан Фермон ја иницираше тужбата за колективна акција „Collectivize Facebook“ (2020-тековно). Со писателката и адвокатка Рада Д’Соуза и со поддршка на организацијата, Фрејмр Фрејмд, го основа Судот за меѓугенерациски климатски злосторства (CICC). CICC првпат беше претставен во Фрејмр Фрејмд во 2021 година, проследено со неколку гостувања во Германија, Финска и Јужна Кореја.

Учествувал на многу изложби помеѓу кои: „Уметност на државата без државјанство“ (Модерна галерија, Љубљана, 2015), „Шкотско-европскиот парламент“ (ЦЦА, Глазгов, 2018), „Музеј како парламент“ (со Демократската самоуправа на Рожава, Ван аббе музеј, Ајндховен, 201 година -во тек) и „Бараме уште милион години“ (Фондационе Сандрето де Ребоденго,Торино, 2022 година).

Неговите проекти се изложени во светски познати музеи како: Стеделијк во Амстердам, M_ХKA во Антверпен, Музејот Модерна во Стокхолм, Центарот Помпиду-Мец, уметничкиот центар Нам Џун Пајк во Сеул, Фрејмр Фрејмд во Амстердам, како и на 7-то Берлинско биенале , 31-то биенале во Сао Паоло, 12-то биенале во Тајпеј и 14-то биенале во Гвангжу во Јужна Кореја.

За пропагандата и пропагандната уметност досегa ги има објавено публикациите: „Пропагандна уметност во 21 век“ издадена од MIT Press во 2019 година, „Стив Банон: ретроспектива на пропагандата“, издадена од Het Nieuwe Instituut, Ротердам, 2018 година, „Пост-пропаганда“, издадена од Холандската фондација за визуелни уметности, дизајн и архитектура во 2010 година. лв/

фото: МСУ-Скопје 

Остани поврзан