• петок, 22 ноември 2024

Изложба „Аушвиц - Место на Земјата: Албум со фотографии од Аушвиц“

Изложба „Аушвиц - Место на Земјата: Албум со фотографии од Аушвиц“

Скопје, 25 јануари 2024 (МИА) - По повод Меѓународниот ден за сеќавање на жртвите од Холокаустот - 27 Јануари, во Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите од Македонија вечерва во 19 часот ќе биде отворена изложбата „Аушвиц - Место на Земјата: Албум со фотографии од Аушвиц“.

Изложбата е во организација на Фондот на Холокаустот на Евреите од Македонија и Еврејската заедница, со цел да се прикаже единствената позната визуелна документација за пристигнувањето на транспортот на Евреите во Аушвиц-Биркенау.

На отворањето на изложбата ќе се обратат амбасадорите на Израел, Симона Франкел и на Германија, Петра Дрекслер.

Изложбата е раскажана и продуцирана од Секторот за патувачки изложби, Оддел за музеи, Јад Вашем.

На настанот ќе бидат доделени сертификати на учесниците на курсевите за изучување на Холокаустот на Правниот факултет „Јустинијан Први“, реализирани со поддршка на Конференцијата на еврејските материјални побарувања од Германија – Њујорк (Claims conference).

-Меѓународниот ден за сеќавање на жртвите од холокаустот е посветен на сеќавање на трагедијата на холокаустот за време на Втората светска војна во кој систематски биле убиени шест милиони Евреи во логорите на смртта, организиран и спроведен од нацистичкиот режим, неговите сојузници и соработници.

Историски овој ден е поврзан и со ослободувањето на нацистичкиот концентрационен логор Аушвиц-Биркенау на 27 јануари 1945 година. свс/лв/

Фото: Фонд на холокаустот на Евреите од Македонија

Остани поврзан