• понеделник, 23 декември 2024

Изложбата „Сликарството на Ликовната академија во Штип“ со второ претставување во Виница

Изложбата „Сликарството на Ликовната академија во Штип“ со второ претставување во Виница

Скопје, 17 мај 2024 (МИА) - Во галеријата на Домот на културата „Тошо Арсов“ во Виница денеска ќе биде отворена ликовната изложба „Сликарството на Ликовната академија во Штип“ составена од дела од поранешни и сегашни студенти од Ликовната академија во Штип. Изложбата е во рамки на Фестивалот на уметноста „Ликовна визија“, организиран од Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

Изложба претходно беше поставена во македонскиот КИЦ во Софија, а нејзиното финално презентирање пред публиката ќе биде на 28 мај во Штип.

Целта на оваа патувачка изложба на делата од поранешни и сегашни студенти од Ликовната академија во Штип е да го претстави квалитетот на ликовната обука и да ја афирмира Ликовната академија во државата и регионот и да го претстави развојниот пат на креативните личности сврзани со институцијата.

Изложбата се состои од дела настанати во Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип од 2019 до 2023 година. Застапени се делата на авторите Мики Иванов, Миа Ефремова, Крсте Тарабунов, Ивана Ивановска, Дејан Витанов, Вангел Крстиновски, Бојана Тошевска и Александра Јеротијевиќ-Андреева.

Д-р Иво Пецов, како куратор на изложбата, се погрижи да бидат избрани карактеристичните дела од ареалот на штипската Ликовна академија, во согласност со целите на нејзината програма – да образува кадри од областа на класичното сликарство.

Како што информираат организаторите, во образовната програма „Класично сликарство“ студентите работеле под менторство на различни наставници, и тоа: Викторија Егорова и Игор Егоров од Русија, Лариса Бондаренко и Владимир Недајборшч од Украина, како и македонските професори: Јордан Ефремов, Слободан Милошески, Ванѓа Димитријева-Кузманоска и Јана Јакимовска.

Жанровски, најзастапена е мртвата природа, а може да се видат и лицата на некои од авторите преку жанрот автопортрет, како и дела кои биле дел од специфични задачи од опфатените предмети во Ликовната академија.

Изложбата ги опфаќа класичните сликарски техники: маслени бои на платно, акрил на платно, сув пастел на хартија и слично, а форматите се галериски. бт/бак/

Фото: плакат

Остани поврзан