• понеделник, 23 декември 2024

Извидничкиот одред од Крива Паланка со проект за еко-активизам и одржлива иднина 

Извидничкиот одред од Крива Паланка со проект за еко-активизам и одржлива иднина 

Крива Паланка, 12 јуни 2024 (МИА) - Над 180 млади од основните и средното училиште од Крива Паланка беа дел од едукативните работилници за млади, на тема еко-активизам и одржлива иднина, што ги организираше Извидничкиот одред „Наум Наумовски Борче", Крива Паланка. 

Основна цел на проектот е запознавање на младите со заштитеното подрачје Осогово, а покрај работилници, предвидени се и: еко-карван за промоција на проектот и настани за волонтерски активизам, изработка на еко-патека до Станечки водопади и дигитализација на истата, како и засадување зимзелени дрвца во зона-4 од заштитеното подрачје Осогово.

 

Со денешната, четврта, реализирана во средното општинско училиште "Ѓорче Петров", беше заокружена серијата работилници под менторство на стручни лица од областа на географијата и шумарството, кои ги информираа младите за заштитеното подрачје Осогово и ги едуцираа за начините на негова еколошка заштита.

Работилниците се втора активност од проектот „Еко-активизам, младите креираат одржлива иднина", финансиски поддржан од Министерството за животна средина и просторно планирање на Северна Македонија. 

- На вкупно четири одржани работилници од 5 јуни до денеска, учество зедоа 180 ученици на возраст од 10 до 17 години, кои се запознаа со проектот, проследија детални презентации на Осоговските планини и видео презентација на заштитеното подрачје Осогово. Работилниците имаат едукативен карактер, а ментори беа професорот по географија, Гордан Стојановски и шефот на заштитеното подрачје "Осогово", дипломиран шумарски инженер, Благородна Стојнева, информира Соња Ангеловска од ИО "Наум Наумовски Борче" Крива Паланка. иб/цр

Фото: МИА

Остани поврзан