Извештајот на ЕК за Косово ја истакнува потребата од имплементација на договорите со Белград
- Европската комисија во извештајот за Косово за 2024 година, кој вчера беше усвоен како дел од Пакетот за проширување на ЕУ, ја критикуваше Приштина дека спроведува активности спротивни на обврските од дијалогот на северот на земјата и повика на формирање Заедница на општини со српско мнозинство.
Приштина, 31 октомври 2024 (МИА) - Косово покажува силна посветеност на патот кон Европската Унија, но внатрешните политички поделби ја попречуваат имплементацијата на потребните реформи, се наведува во Извештајот на Европската комисија (ЕК) за Косово.
„Владата треба да работи на создавање меѓупартиска политичка поддршка за поефикасно продолжување на реформите поврзани со ЕУ. Исто така, треба да ги вклучи ресорните министерства во одлуките што се однесуваат на политиките на ЕУ кои се под нивна надлежност и да ја зголеми меѓуресорската координација,“ се констатира во извештајот.
Во извештајот се потсетува дека Косово во декември 2022 година поднесе барање за членство во ЕУ и дека Комисијата останува на располагање за да подготви мислење за барањето штом Советот го побара.
Забележан е напредок во борбата против организираниот криминал, подобрување на деловното окружување, а Косово треба да ги зајакне напорите за подобрување на владеењето на правото, јавната администрација и заштитата на слободата на изразување.
Европската комисија во извештајот за Косово за 2024 година, кој вчера беше усвоен како дел од Пакетот за проширување на ЕУ, ја критикуваше Приштина дека спроведува активности спротивни на обврските од дијалогот на северот на земјата и повика на формирање Заедница на општини со српско мнозинство.
„Косово постојано спроведуваше активности спротивни на неговите обврски од дијалогот, вклучително и полициски операции против канцеларии и служби на север, поддржани од Србија, усвојувањето на регулативата на Централната банка на Косово за готовинските операции што забранува трансакции во која било валута освен еврото од 1 февруари 2024 година, како и затворање на канцелариите на Поштенската банка на Србија и Поштата на Србија на северот на Косово“, соопшти Комисијата и укажа на високите тензии на северот на Косово.
Во исто време, Комисијата нагласи дека ЕУ постојано изразува загриженост „поради постојаната некоординација на Приштина“ и негативното влијание врз луѓето на теренот, притоа повторувајќи дека „овие акции може да доведат до натамошна ескалација на и онака нестабилната ситуација. „Одлуката за готовински трансакции ефективно забранува трансфер на средства од српската влада на косовските Срби и другите заедници, како и канцелариите во Косово поддржани од Србија. За жал, не може да се најде заемно прифатливо привремено решение за луѓето кои се најпогодени од ова уредба“, соопшти Комисијата.
Во извештајот се потсетува дека визната либерализација за Косово стапи во сила на 1 јануари 2024 година. Исто така се посочува дека тензиите на северот на Косово продолжија поради нападот врз косовската полиција во Бањска на 24 септември 2023 година, кој се опишува како најсериозна ескалација во последните неколку години.
Извештајот на Европската комисија за Косово беше предаден на косовските власти од страна на шефот на Канцеларијата на ЕУ на Косово, Аиво Орав, пренесува Гласот на Америка.
На заедничката прес-конференција со заменик премиерот на Косово, Бесник Бислими, Орав истакна дека ЕУ добива нов импулс за проширување, но дека Косово и земјите од Западен Балкан имаат обврски и меѓусебни прашања што треба да ги решат.
- Пристапувањето кон ЕУ е многу важна работа, а за ЕУ е обврска да одговори на историјата. Денес во светот повторно има војна, со агресијата на Русија во Украина. Овој нов импулс за проширување доаѓа во вистински момент. Недамна започнавме преговори со Албанија по многу години работа. Штом ги усвоите реформите во согласност со агендата на ЕУ, ќе ве поддржиме со фондови. Косово и земјите од Западен Балкан имаат многу работа, вклучувајќи го и решавањето на меѓусебните прашања, рече Орав, истакнувајќи неколку области во кои Косово има постигнато напредок, како и оние каде е потребен дополнителен ангажман.
Орав се осврна и на конфликтот во Бањска на 24 септември минатата година.
- Што се однесува до нападот во Бањска, верувам дека тоа покажа професионална реакција на косовската полиција. Косово постигна добар напредок во функционирањето на економската структура. Собранието се соочува со предизвици во донесувањето закони што му се потребни на Косово. Се очекува и подобрување во судскиот систем, бидејќи иако Косово има висок степен на решавање на случаите, многу предмети се сѐ уште во чекалната.
Шефот на Канцеларијата истакна дека Косово и Србија треба да продолжат да работат на нормализација на односите и да се посветат на имплементацијата на договорените спогодби.
- За подобри соседски односи, Косово и Србија треба да ги исполнат обврските од претходните договори и да ги нормализираат односите, што е дел од патот кон Европската Унија. Дополнителен предизвик за Косово се мерките кои се наметнати од страна на ЕУ. Високиот претставник Жозеп Борел препорача нивно отстранување и дискусијата сѐ уште трае во Советот. Верувам дека Косово презема потребни чекори за да се согласат земјите членки за нивно укинување и сите заедно да го искористиме овој момент, изјави Орав.
Заменик премиерот на Косово, Бесник Бислими, ги поздрави препораките од извештајот на ЕК за Косово и побара од ЕУ да ги отстрани, како што наведе, неправедните мерки кон Косово.
- Ги поздравувам препораките од овој извештај, ќе продолжиме со имплементација на тие препораки, и покрај неправедните мерки кон Косово, мерки кои се во спротивност со вредностите на ЕУ. Косово ги исполни сите барања и верувам дека, во согласност со препораката на Борел, Советот на министри ќе ги укине мерките кон Косово., рече тој.
Бислими додаде дека Косово е „најпроевропската држава“ која ги претставува европските и демократските вредности.
„Овој ден е важен бидејќи покажува каде е сработена добра работа и каде има застои. Извештајот ја пофалува воведувањето мерки против Русија, како и напредокот во врска со визите со ЕУ. Проактивната посветеност на Косово помогна во надминувањето на натамошните предизвици,“ изјави Бислими. ссм/
фото: архива