• сабота, 23 ноември 2024

Избори за член на Судски совет на 4 септември, судијката Џенета Бегтовиќ единствена кандидатка

Избори за член на Судски совет на 4 септември, судијката Џенета Бегтовиќ единствена кандидатка

Скопје, 5 август 2024 (МИА) – Судијката Џенета Бегтовиќ од Основен кривичен суд Скопје е единствената кандидатка од листата по објавен оглас за избор на член на Судскиот совет на Република Северна Македонија од редот на судиите припадници на заедниците кои се помалку од 20 проценти од населението.

На денешната седница на Советот на која беше заклучен Судскиот изборен именик и беше формирана Комисија за спроведување на избор беше донесена и одлука изборот да се одржи на 4 септември 2024 година.

Покрај ова, на денешната седница беше утврден и престанок на судиска функција поради исполнување на услови за старосна пензија на сдијките Анита Данилова од Виш Управен суд и Светлана Попоска од Основен суд Струга.

Со денешната одлука на Судскиот Совет, судијката Виолета Илиевска од Виш Управен суд, беше определена за ВД претседателка на Судот.  

Денеска беа избрани и двајца судии поротници на Апелационен суд Скопје.

Дополнително, на денешната седница беше усвоена и Измена и дополнување на Годишниот план за јавни набавки за 2024 година како и Измена и дополнување на Правилникот за систематизација на работните места во Судскиот совет на РСМ. 

Судскиот совет, меѓу другото, на седницата ги усвои и записниците од 489 и 490 седница. 

Јавноста беше исклучена од точките за формирање на Комисија за констатирање на состојба по предмет, одлучување по барање на судија за јавност на постапка за утвдување на одговорност на судија, односно претседател на суд, формирање на комисии на известители по поднесени барања за утврдување одговорност на судија/претседател на суд и разглдување на барање на претседател на комисија на известители. ар/аа/

Фото: МИА архива 

Остани поврзан