• сабота, 17 август 2024

ИДФ нареди уште една евакуација во Газа додека борбите во енклавата продолжуваат

ИДФ нареди уште една евакуација во Газа додека борбите во енклавата продолжуваат

Ерусалим, 16 август 2024 (МИА) - Израелските одбранбени сили (ИДФ) денеска наредија нови евакуации од областите во јужниот и централниот дел на Појасот Газа кои претходно беа прогласени за хуманитарни зони. Според армијата, овие локации биле користени од палестинското движење „Хамас“ за минофрлачки и ракетни напади врз Израел, пренесоа британските медиуми. 

ИДФ соопшти дека испратила летоци и СМС пораки со предупредување за областите северно од градот Кан Јунис и источно од Деир ал Балах, каде што десетици илјади луѓе бегаат од борбите во други делови на Газа.

-Предупредувањето до цивилите е издадено за да се намали штетата на цивилното население и да им се овозможи да се држат настрана од непријателствата, се вели во соопштението на израелските одбранбени сили.

Претходно, ИДФ соопшти дека вчера погодила област во Кан Јунис од каде биле истрелани ракети кон селото Кисуфим. Пронајдено е оружје како што се рачни ракетни фрлачи и експлозиви.

Сегашните предупредувања за евакуација доаѓаат додека преговарачите во Доха се очекува да се соберат на вториот ден од разговорите со цел да се постигне договор за прекин на борбите во Газа и враќање на израелските и странските заложници држени во Газа. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан