Надлежните министри од Турција, Бугарија и Грција ја потврдиле посветеноста на борба против нелегалната миграција
- Зајакнување на соработката во борбата против нелегалната миграција, против мрежите на криумчарите како и против терористичките организации и организираните криминални групи поврзани со нив, биле во фокусот на трилатералната средба во Истанбул на министрите за внатрешни работи на Турција и Бугарија Али Јерликаја и Атанас Илков и министерот за миграција и азил на Грција Никос Панајотопулос, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 14 јануари 2025 (МИА) – Зајакнување на соработката во борбата против нелегалната миграција, против мрежите на криумчарите како и против терористичките организации и организираните криминални групи поврзани со нив, биле во фокусот на трилатералната средба во Истанбул на министрите за внатрешни работи на Турција и Бугарија Али Јерликаја и Атанас Илков и министерот за миграција и азил на Грција Никос Панајотопулос, јави дописничката на МИА од Атина.
Во заедничкото соопштение по средбата, како што информираа од Министерството за миграција и азил на Грција, министрите ја потврдиле посветеноста на трите земји „за одржување на искрен и конструктивен дијалог за борба против нелегалната миграција и мрежите за криумчарење мигранти“.
Турскиот министер на средбата ја објаснил стратегијата на Турција за борба против нелегалната миграција, што се спроведува на сите гранични премини, но и во градовите и посочил дека земјата повеќе не е значаен пат за нелегална миграција, поради сеопфатната борба што се води решително и континуирано.
Министерот за внатрешни работи на Бугарија ја истакнал важноста на дополнителниот развој на политичкиот дијалог, со оглед на тоа што трите земји се соочуваат со заеднички миграциски предизвици.
Грчкиот министер говорел за политиката на Атина во борбата против нелегалната миграција што Грција ја спроведува и на копнените и на морските граници и го изразил своето задоволство од нивото на трилатерална соработка, истакнувајќи ја потребата да се истрае во борбата против мрежите на криумчарите.
- Министрите го изразија нивното задоволство за позитивните резултати постигнати преку иницијативата за трилатерална соработка и преку процесот на технички координативни состаноци што следеа меѓу високи претставници на Турција, Бугарија и Грција, а се согласија дека процесот треба да продолжи и да се зајакне дополнително во текот на 2025 година, пишува во заедничкото соопштение по трилатералната средба. ср/
Фото: Министерство за миграција и азил на Грција