• вторник, 02 јули 2024

Здружение „Не го даваме Јадар“: Владата има рок од 40 дена да донесе забрана за истражување и експлоатација на литиум и бор

Здружение „Не го даваме Јадар“: Владата има рок од 40 дена да донесе забрана за истражување и експлоатација на литиум и бор

Белград, 1 јули 2024 (МИА) - Претставници на Здружението на граѓани „Не го даваме Јадар“ до премиерот на Србија Милош Вучевиќ поднеле барање за трајна забрана за геолошки истражувања и експлоатација на литиум и бор во Србија.

Златко Кокановиќ од Здружението „Не го даваме Јадар“ изјави дека предавањето на барањето е последниот чин пред радикализација на акциите, јави дописникот на МИА од Белград.

-Нашето барање е многу јасно и ја штити цела наша Србија од претворање во рударска колонија, изјави тој за агенцијата ФоНет.

Кокановиќ нагласи дека рокот за исполнување на барањето е 10 август годинава.

-Доколку државата Србија и компанијата Рио Сава се обидат да го реализираат проектот во дело пред истекот на нашиот рок, ние ќе бидеме принудени да започнеме со радикализација пред 10 август, рече Кокановиќ.

Тој ги повика граѓаните на цела Србија да ја следат состојбата и социјалните мрежи на активистите и да бидат подготвени за планирани блокади на железничкиот сообраќај.

На протестот на еколошките здруженија во Лозница одржан на 28 јуни (петок) беше порачано дека „имаат само едно барање“.

-Законската забрана за применети геолошки истражувања и експлоатација на бор и литиум во Република Србија. Рокот е 40 дена. Доколку не се усвои законот, ќе ја блокираме Србија на 41 ден. Нема да ги малтретираме луѓето. Ќе блокираме клучни точки, пруги и патишта, изјави Маријана Петковиќ од здружението „Не го даваме Јадар“.

„Рио Тинто нема да копа“ – беше главната порака на насобраните граѓани во Лозница и Горње Недељице. об/мс/

Остани поврзан