• вторник, 24 декември 2024

Зголемен е бројот на пациенти во кумановската болница кои се жалат на отежнато дишење со почетокот на грејната сезона

Зголемен е бројот на пациенти во кумановската болница кои се жалат на отежнато дишење со почетокот на грејната сезона

Куманово 5 ноември 2024 (МИА) - Зголемен е бројот на пациенти во кумановската болница кои се жалат на отежнато дишење, тежина во градите, сува кашлица изразена во ноќните часови, соопштија денеска надлежните од кумановската општа болница. Напливот на пациенти е видливо е зголемен, особено од почетокот на ноември, кога почнаа и затоплувањето и зголемено е аерозагадувањето. Специјалист по интерна медицина во болницата, Нора Господинова Николовска вели дека зголемен е бројот на пациенти кои бараат помош за здравствени тегоби предизвикани од аерозагадувањето, видлив е напливот на пациентите. Кумановци се жалат дека на одредени моменти воздухот е непријатен, особено во ноќните часови. Непријатен мирис најмногу се чувствува покрај булеварот „Октомвриска револуција“.

- Ние јадеме три четири пати на ден, пиеме вода околу осум пати на ден, а во минута вдишуваме 16 пати и затоа аерозагадувањето има огромно влијание не само врз респираторниот систем туку и врз сите системи во телото, сè зависи од големината на честичките. Покрупните се задржуваат на ниво на носот предизвикуваат хроничен ринит, воспаление на синусите, поситните честички влегуваат во грлото и тука предизвикуваат сува иритирачка кашлица, а најситните ги оштетуваат алвеолите на долните дишни патишта и предизвикуваат хронични алергии, ХОББ, астма вели доктор Николовска.

Некои пациенти реагираат со кивање, намалена концентрација, зголемена поспаност, се јавуваат и пневмонии.

Лекарите советуваат хронично болните да користат специјализирани маски кога се движат во попладневните и ноќните часови. Во домовите каде има постари лица, хронично болни или мали деца пожелно е да имаат и прочистувач на воздух кој треба да се сертифициран. Во однос на исхраната, Николовска препорачува внес на свежа храна, базирана на овошје и зеленчук. Во однос на пешачењето во ноќните часови не се препорачува, но престој во природа и на свеж воздух на повисоко е пожелно.

-Младите користат апликации за аерозагадувањето, а повозрасните не треба да излегуваат кога е видлив смогот и треба да останат во домовите, вели докторката.

Согорувањето на биомаса има најголемо учество во аерозагадувањето во Куманово, покажал мониторингот за квалитетот на воздухот кој изминатиов период се спроведуваше во рамки на проектот „Справување со аерозагадувањето“. Покрај затоплувањето, во аерозагадувањето учествува и сообраќајот, во помала мера согорување на оган на отворено и отпад, согорување на мазут и нафта, со најмал процент е минерална прашина и секундарните аеросоли. Најголеми пикови на аерозагадување се евидентирани во периодот декември-јануари.

Куманово е класифицирана во група на општини која издвојува најголеми средства во борба против аерозагадување од сопствениот буџет и има среднорочни и долгорочни мерки за намалување на аерозагадувањето, меѓу нив пошумување и гасификацијата.ам/бт/

 

 

Остани поврзан