• понеделник, 23 декември 2024

Хуманитарен концерт во сеќавање на Климентина Рафајловска

Хуманитарен концерт во сеќавање на Климентина Рафајловска

Скопје, 20 април 2024 (МИА) - Во Салон 19:19 во Скопје вечерва ќе се одржи концерт во сеќавање на Климентина Рафајловска (1977-1994), која била ученик на пијано и харфа во училиштето „Илија Николовски-Луј”.

На програмата ќе бидат изведени дела од композиторите Сен Санс, Равел, Буланже, Штолцел, Пијацола, Хенсон, Капле, Форе и Шостакович. 

На концертот ќе учествуваат музичари од нејзината генерација, Ема Абаџиева – обоа, англиски рог, Весна Ангелова Христов – пијано, Орце Ицковски – фагот, Гордана Јаневска – виолина, Тереза Крцоска – виолина, Јанинка Невчева – пијано, Јулија Нелковска – виолина, Надежда Рубен – сопран, Боро Станковски – виола, Елена Стојческа – флејта, Дарко Трајковски – виолина, Мерсиха Шукри – харфа.

Соученичката на Рафајловска, Мерсиха Шукри, која е единствената харфистка во земјава во изјава за МИА вели дека целта, меѓудругото, е и да се подигне свеста и поддршката за болните од рак.

- Климентина Рафајловска ни беше соученичка во музичкото училиште. За жал, за кратко време нѐ напушти, се разболе од леукемија. Оваа година се навршуваат 30 години од нејзината смрт. Во таа чест, генерацијата се собравме да одржиме концерт во нејзина чест. Воедно, да ја подигнеме свеста и поддршката за сите заболени од лошата болест, вели Шукри, додавајќи дека животот е непредвидлив и затоа е потребно многу повеќе  љубов и разбирање.

Човекот е покршлив од стаклото и многу малку е свесен дека секому може да му се случи, вели Мерсиха Шукри.

Во чест на Рафајловска, од 1995 до 2008 година беше доделувана наградата „Климентина Рафајловска” за првенец на генерација, од страна на истоимената Фондација. Меѓу добитниците на оваа награда се и Симон Трпчески, Ирина Наумовска, Никола Атанасов, Александар Краповски и други. 

Средствата собрани со продажба на билетите и од донаторската кутија, ќе бидат донирани на Здружението посветено на пациенти болни со рак и нивни негуватели ХЕМА-ОНКО, а наменети за потребите на пациентите на Универзитетска клиника за хематологија. бт/бак/

Фото: Плакат

 

Остани поврзан