За лицата со попреченост побарани подостапни медицинска помош, физикална рехабилитација, лекарства и медицински апарати
- Подостапни медицинска помош, физикална рехабилитација, лекарства и медицински апарати, подолготрајна вклученост на лични асистенти за поддршка. Ова се потребите на лицата со попреченост во државата, констатирани на тркалезна маса одржана вчера во Неготино, информираа денеска од Центарот за помош на лица со ментален хендикеп „Порака" од Неготино.
Неготино, 19 ноември 2024 (МИА) - Подостапни медицинска помош, физикална рехабилитација, лекарства и медицински апарати, подолготрајна вклученост на лични асистенти за поддршка. Ова се потребите на лицата со попреченост во државата, констатирани на тркалезна маса одржана вчера во Неготино, информираа денеска од Центарот за помош на лица со ментален хендикеп „Порака" од Неготино.
- За приоритетите на лицата со попреченост разговараа нивни претставници, членови на нивни семејства, медицински лица. Се дадоа предлог решенија за надминување на проблемите. Вакви настани ќе се одржат и во Кавадарци и Велес. Откако ќе се обезбедат сите предлози, ќе се испратат до надлежните институции, со цел надминување на проблемите. Сакаме системски да се решаваат работите. Во Неготино здравствените работници имаат разбирање на специфичноста при здравствената грижа кон пациентите со попреченост и убаво би било таквата развиена свест за нивните здравствени потреби, да се преслика и во другите делови од државата, рекоа од „Порака".
Оттаму појаснија дека активностите се во рамките на проектот „Да се соочиме со предизвиците и стигматизацијата", во кој се и самите вклучени.
- Прв пат во нашето општество ќе се отворат теми што за некои граѓани и институции се едно големо табу, но за значен број наши сограѓани и организации се вистински предизвик, да се справат со проблемите и пречките на животниот пат, во секојдневието на своето работење и живеење, рекоа од Центарот.
Претседателката на Центарот, Гордана Трајковска потсети на очекуваните резултати од проектот. Изработен е протокол за прифаќање и третман на лица со попреченост во процесот на пружање на здравствена заштита, за намалени трошоци за семејствата на лицата со попреченост при користење здравствена заштита, за седумдесет проценти помали трошоци за медицински третман на лицата со попреченост.
- Многу е важно да се едуцира медицински персонал за правилно прифаќање и третирање на лицата со попреченост. Да се покренат иницијативи за промена на законите за социјална и здравствена заштита. Да се зголеми свеста за важноста на прифаќањето и третманот на лицата со попреченост, потсети Трајковска.
Активностите се во рамки на проектот на Цивика мобилитас што е финансиран од Владата на Швајцарија, а го спроведуваат Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), НИРАС од Данска и ФЦГ Шведска.
Проектот ќе трае во наредните околу две години заедно со партнерите, Здружението на лица со церебрална парализа и други попречености од Велес и Здружението за заштита и унапредување на животната средина ,,Еко-живот" од Кавадарци.
Целта е, како што беше нагласено, јавноста да се запознае со ситуацијата во која се наоѓаат значаен дел од нашите сограѓани со разни попоречености, нивните блиски и организациите кои работат во полето на лицата со попречености во нивното секојдневие. Но, беше подвлечено, многу е важно исто така, да се влијае врз тоа да се сменат работите на подобро и да се подобри состојбата во која се наоѓаат лицата со попреченост. свд/сст/
Фото : „Порака"