• вторник, 19 ноември 2024

Заев: Отворивме 64.000 работни места, за четири години ќе отвориме 100.000

Заев: Отворивме 64.000 работни места, за четири години ќе отвориме 100.000
Крива Паланка, 4 јули 2020 (МИА) - Носевме храбри одлуки, имавме став, затворивме важни децениски прашања, изградивме мостови, ги зачуваме сите важни атрибути, па создадовме пријатели и отворивме врати за економски развој на државата. Не калкулиравме со политичкиот рејтинг, туку им служевме на народот, на татковината, а се што правевме и правиме е за младите, за децата, зашто тие се иднината за да продолжиме напред. За две и полгодини отворивме 64.000 работни места, за четири години ќе отвориме 100.000, за да ги задржиме младите дома, порача лидерот на СДСМ , Зоран Заев на вечерашната трибина во Крива Паланка.
Според него, сега државата има ветар во грб, поддршка од соседите, па, како што рече, токму затоа, можеме уште повеќе и подобро.
-Го исполнивме аманетот на предците, на нашите прадедовци, кои се бореа во НОБ, создавајќи држава, кои се бореа во Балканските војни, за да имаме македонски народ и држава, за да имаме македонски јазик. А македонскиот народ и јазик се признаени денес во целиот свет, според член 35 од договорот со НАТО, безбедноста ни е загарантирана, имаме имотен лист и не сме повеќе ФИРОМ, туку Северна Република Македонија, членка на НАТО, во која живеат Македонци. Пред неколку дена ЕУ ја отвори преговарачката рамка, а зошто токму на дестина дена пред изборите, па затоа што тоа нуди прогресивна политика, а тоа нека им биде јасно на квази-патриотите Мицковски, Јанушев и останатите. Тоа е прв официјален чекор дека македонскиот јазик ќе биде службен јазик во ЕУ, дека целото Европско законодавство ќе се преведе на македонски јазик, а нашиот јазик ќе биде достапен во европските библиотеки и ќе се изучува и во Рим, и во Виена, и во Берлин. Во септември-октомври пак, кога ќе ги отвориме поглавјата, како што ќе се затвораат кластерите, етапно ќе се отвораат фондовите, кои ќе ни бидат достапни како на сите земји-членки на ЕУ. Се тоа за нашите и ваши деца, за младите, за идните генерации, зашто сите не боли што се надвор, во туѓина. Тоа ќе го промениме, и вратите на НАТО и ЕУ што ги отворивме, нема да дозволиме да ни се затворат, нема назад во изолација, рече Заев пред кривопаланчани.
Тој посочи дека за две и полгодини се зголемиле просечната и минималната плата, а порача дека во следниот мандат, просечната плата ќе достигне 34.000 денари, додека минималната ќе биде 20.000 денари.
На трибината говореше и носителот на ИЕ 3 и кандидат за пратеник од „Можеме“ Љупчо Николовски, кој пред своите сограѓани рече дека како политичка партија со реформирање докажале дека има простор за сите чесни, домаќини и одговорни луѓе, кои работат локалпатриотски, со срце и љубов за добрини кон граѓаните, што се докажало преку реализираните проекти.
-За 11 години ВМРО-ДПМНЕ чешма нема направено во Крива Паланка, докажавме како е да се работи домаќински. За  две и полгодини направивме реновирање, по 50-60 години, на патишта, државни, регионални и локални. Се градат експресни патишта, дури три во истокот, еден е Ранковце-Крива Паланка, се реконструираат и рехабилитираат патни правци, завршен е од Ранковце до Крива Паланка, државниот пат, а започна реконструкција на делот од Коридор 8, патот Крива Паланка-Деве Баир кој не поврзува со Бугарија. Изградивме по повеќе децени, регионални патишта во Огут, нерав, Голеш, докажавме дека зборот е збор и дека се бориме за секој жител, секое населено место. Во следниот мандат ни остануваат два капитални проекти за Крива Паланка: гасификација на Крива Паланка и зимски рекреативен центар на Калин Камен, кои ќе ги направиме за помали трошоци на граѓаните, за посилен развој и повеќе туристи, рече Николовски.
На трибината говореше и Венко Филипче, претседател на комисијата за здравство на СДСМ, кој рече дека борбата со Ковид-19 покажала дека она што го правеле во изминатите две и полгодини, вложување во медицинскиот кадар, се покажало како клучно за одржлив здравствен систем.
Во Крива Паланка со централниот караван на коалицијата „Можеме“ присуствуваа и заедничкиот носител во ИЕ 3, Јагода Шапхаска, како и кандидатите за пратеници во оваа изборна единица Маја Морачанин, Илија Николовски, Љупчо Балкоски. ид/дма/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан