На граничниот премин „Блато“ кај Дебар за десет месеци рекордна фреквенција од над 661 илјада патници
- На граничниот премин „Блато“ на македонско-албанската граница кај Дебар, за десет месеци од годинава, регистрирана е рекордна фреквенција на патници, од над 661 илјада, што е најголема бројка од неговото отворање во 1992 година.
Дебар, 19 ноември 2024 (МИА) – На граничниот премин „Блато“ на македонско-албанската граница кај Дебар, за десет месеци од годинава, регистрирана е рекордна фреквенција на патници, од над 661 илјада, што е најголема бројка од неговото отворање во 1992 година.
-Во периодот јануари - октомври регистрирани се 661.322 патника, што е за 49.559 патници повеќе споредено со истиот период минатата година. Од нив 138.285 се македонски, што е за 3.536 повеќе, додека останатите 523.037 се странски државјани, што е за 46.023 патници повеќе споредно со лани. Гледано одделено македонски граѓани на влез се 52.368, додека останата бројка, од 85.917 на излез. Кај странските државјани на влез се 282.897 додека на излез 240.140 патници, изјавија за МИА од Министерството за внатрешни работи.
Македонските државјани во Албанија преку преминот „Блато“, кој е на оддалеченост од четири километри од Дебар, минуваат, главно поради користење на летните одмори на албанското крајбрежје, за посета или на домашни веселби кај свои роднини и пријатели, набавка на зеленчук и јужно овошје.
Албанските државјани, од пограничните населени места на околијата Пешкопеја доаѓаат главно за шопинг во Дебар, каде набавуваат прехранбени артикли, облека, обувки, гориво, лекови, како и за добивање одредена здравствена услуга. И тие, но и оние од Тирана, поради роднинска поврзаност со дебрани, доаѓаат во посета на роднини или на домашни веселби кај нив, како и за посета на туристички места.
Исто така овој премин го користат и нашите иселеници од Италија кои доаѓаат во родниот крај, во летниот период, со траекти преку пристаништето Драч.
Постојаното зголемување на фреквенцијата, во последните години се должи на видно подобрената патна инфраструктура, тука, секако, пуштањето во употреба на автопатот „Руга е Арбрит“ (Патот на Арбр) со што оддалеченоста од преминот, до Тирана, се намали од 180 на 70 километри, како и целосната реконструкција на патниот правец Маврови Анови-Дебар. вт/дма/
Фото: МИА