Заврши 12. натпревар во лежење во Црна Гора
- Во Црна Гора заврши 12-от натпревар во лежење, којшто традиционално го организира Eтно село Монтенегро во Брезна.
Подгорица, 23 август 2022 (МИА) - Во Црна Гора заврши 12-от натпревар во лежење, којшто традиционално го организира Eтно село Монтенегро во Брезна. Титулата ја понесе Жарко Пејановиќ, познат како „Кнеле“ од Подгорица, кој лежеше приближно 55 часа.
- Не беше тешко. Верувајте, не се ни „загреав“... Но, не сакав да одам на соборување на рекордот. Тоа ќе го направам следната година, за кога е планиран натпреварот на кој ќе учествуваат сите досегашни победници, изјави тој за медиумите. На натпреварот годинава учествуваа девет натпреварувачи, а последни останаа Пејановиќ и Вук Кољеншиќ од Даниловград. Како што неофицијално беше соопштено, имало преговори и за поделба на титулата, но Пејановиќ бил решен да го освои првото место и наградата од 350 евра. Рекордот го држи Дубравка Алексиќ, исто така - од Подгорица, која лани лежеше 117 часа. си/