• петок, 22 ноември 2024

Ѓердан што сведочи за пропаста на Марија Антоанета оди на надддавање

Ѓердан што сведочи за пропаста на Марија Антоанета оди на надддавање

Женева, 8 ноември 2024 (МИА) - Дијамантски ѓердан за којшто се верува дека сведочи за скандал од последните години на (не)славната француска кралица Марија Антоанета, ќе се најде на аукција во Женева следната недела. Ѓерданот содржи дијаманти од 300 карати, а ќе биде ставен на наддавање на 13 ноември во аукциската куќа „Сотби'с“.

Дијамантите биле во средиштето на скандалот во 1780-тите, познат како „Афера со дијамантски ѓердан“, во којашто благородничката Жана де ла Моте, преправајќи се дека е француската кралица Марија Антоанета, купила ѓердан во нејзино име без да плати... Судењето потоа ја прогласи кралицата невина, но скандалот ги поттикна тврдењата за нејзиното расипништво, токму во годините пред Француската револуција. За време на општиот бунт против Кралството, Марија Антоанета е обезглавена на гилотина.

- Постои можност некои од овие дијаманти да потекнуваат од познатиот дијамантски ѓердан што доведе до пропаста на Марија Антоанета. Мислам дека тоа е едно од највозбудливите парчиња што сме ги имале долго време, не само по потекло, туку и според дизајнот, изјави раководителката за продажба на скапоцени камења во „Сотби'с“, Џесика Виндам.

Овој накит наликува на „шал за на врат“, по својата дебелина. Може да се носи на два начина.

Дијамантите од оригиналниот ѓердан, направени во 1776 година, подоцна биле продавани парче по парче на црниот пазар, поради што речиси е невозможно да се пронајдат сите. Но, стручњаците велат дека квалитетот и староста на некои дијаманти се совпаѓаат со датумот на изработка на познатиот ѓердан во 18. век.

Ѓерданот е понуден од азиски приватен колекционер. Вредноста на накитот се проценува на околу два милиони швајцарски франци (околу 2,12 милиони евра). си/мс/

Фото: МИА архива

Остани поврзан