• четврток, 21 ноември 2024

Заврши реконструкцијата на „Градечки мост" во Крива Паланка 

Заврши реконструкцијата на „Градечки мост

Крива Паланка, 6 ноември 2024 (МИА) - Со 10.5 милиони денари од ТАВ програмата на Владата извршена е реконструкција на мостот на Крива Река лоциран кај градскиот парк, во центарот на градот, т.н. „Градечки мост".

- Нов, модерен лик го краси “Градечки мост". Заврши реконструкцијата на мостот, проект вреден 10.500.000 денари, финансиран од ТАВ програмата на Владата. Реконструкцијата опфати: репарација на конструкцијата на мостот, поставување нова ограда, зајакнување на одредени елементи на мостот,  поставување пристапна рампа од страната на магистралата А2 и поставување нова електрика и ново, модерно осветлување на мостот. Со реализацијата на овој проект продолжуваме да креираме нов и модерен лик на централното градско подрачје, кадешто се врши реконструкција на сите пет големи мостови на Крива Река, за што вкупната инвестиција изнесува околу 40.000.000 денари, информира градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски.

Од проектите за обнова, реконструкција и модернизација на петте мостови, завршени се т.н. Виолетов мост и Градечки мост, а останува да се реализира реконструкцијата на „Шанин мост", „Соларски" и „Осички мост".

Средства за проектите се обезбедени минатата година од Владата на Република Северна Македонија и тоа: 26.600.000 денари за  “Шанин мост“, „Виолетов“ и „Осички мост“, а 14.000.000 денари од ТАВ програмата за „Соларски мост“ и „Градечки мост“.

Во општината во централното градско подрачје во тек е и проектот за реконструкција на главната улица „Св.Јоаким Осоговски ", на потегот од населбата Единство до „Соларски мост“. Проектот е вреден 40.000.000 денари, обезбедени преку Министерството за транспорт и врски. Фаза -2 од проектот е завршена, додека во тек се градежните активности од фаза -1 , на потегот од крстосницата кај градскиот музеј до „Соларски мост“, каде е предвидено да биде изграден и кружен тек. иб/цр


Фото: Општина Крива Паланка 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан