Жителите со години се жалат на смрдеата, грдата слика и опасноста по здравјето од испусниот канал за отпадни води и канализација на влезот во Градскиот парк во Велес
- Жителите од куќите и една зграда лоцирани во близина на отворениот испусен канал за отпадни индустриски води и канализација на влезот во Градскиот парк од кај управната зграда на ЈКП„Дервен“ во Велес со децении мака мачат со неподносливата смрдеа, а се загрижени и за здравјето. Воедно испусниот канал е грда слика за сите кои поминуваат тука и за градот.
Велес, 21 ноември 2024 (МИА) - Жителите од куќите и една зграда лоцирани во близина на отворениот испусен канал за отпадни индустриски води и канализација на влезот во Градскиот парк од кај управната зграда на ЈКП„Дервен“ во Велес со децении мака мачат со неподносливата смрдеа, а се загрижени и за здравјето. Воедно испусниот канал е грда слика за сите кои поминуваат тука и за градот.
Жителите револтирани велат дека секоја нова локална власт им ветува негово решавање, секоја прави нов проект и потоа се останува на проект без да го реализира односно без да го затвори испусниот канал кој и понатаму е отворен.
Градоначалникот Марко Колев за МИА информира дека локалната власт за решавање на овој проблем проектира нов проект, но засега не знае кога ќе се обезбедат средства практично да се реализира.
- Со овој проект каналот нема целосно да се затвори, туку ќе биде заграден од страните со бетонски плочи, а одозгора со бетонски плочи, кои бидат подвижни и ќе се отвораат во случај да има потреба, појасни Колев,
Жителите потсетуваат дека и претходно им ветувале решавање на проблемот, но проблемот не е решен, односно каналот не е затворен односно бетониран одозгора. Тие подолго време бараат средба со градоначалникот и во неможност да се сретнат со него преку медиумите прашуваат кога проблемот ќе биде решен.
Колев засега не може да прецизира кога по изработката на проектот истиот ќе се реализира.
Во каналот освен скоро сите отпадни води од најголем дел на велешката индустрија дирекно без прочистување се слеваат фекалните води и од фабриките и од домаќиствата од тој дел на градот.
Една од жителките и нејзиниот сопруг кои тука живеат 60 тина и повеќе година се револтирани што и во 21 век има отворен испусен канал за отпадни индустриски води и канализација среде град.
- Тука е и управната зграда на ЈКП„Дервен“, но вработените имаат клими па прозорите во лето им се затворени и ништо не мирисаат. Но ние сме постојано тука и не можеме постојано да вклучуваме клима тоа ни е скапо, а посебно во лето мораме да излеземе и во дворот. Но во дворот смрдеата од испусниот канал кој е на само неколку метри од нашата куќа е неподнослива. Па и врабоетните од ЈКП„Дервен“ кога доаѓаат и си одат од работа и сите посетители и рекреативци на Градскиот парк кои поминуваат тука покрај каналот си го затнуваат носот. Но ние сме принудени 24 часа да дишиме неподнослива смрдеа. Посебно е загрижувачко ноќе околу полноќ, кога некои од фабриките пуштаат се’ и сешто по каналот од што не се диши посебно во лето. Страшно е да се гледаат и фекалии како пливаат по каналот, велат револтираната жителка и нејзиниот сопруг.
Жителите се огорчени и од фактот што пред неколку години од програмата ТАВ биле дадени 3 милиони денари за решавање на проблемот со отворениот канал, но наместо за нив парите биле пренаменети за друг проект за жителите во населбата Речани.
За тоа дека имало средства за овој канал, но биле пренаменети за Речани, потврди и градоначалникот Марко Колев.
Инаку освен овој отворен канал за отпадни испусни води и канализација, во Велес има уште два. Вториот е лоциран во населбата Дворови, а третиот кај галеријата кај Мало Мовче.
Пред година ипол на поставено советничко прашање за рашавање на проблемот со трите отворени испусни канали за отпадни индустриски води и канализација, градоначалникот Колев тогаш одговори дека општината има план да се продолжат каналите за 20 метри.
- Ова се однесува на тој во Паркот и во Дворови, додека за каналот кај галеријата кај Мало мовче ќе се регулира со изградбата на кеј од десната страна, појасни тогаш Колев.ад/
Фото: