• сабота, 25 јули 2026

Жителите почнаа да се враќаат во јужен Либан по повлекувањето на израелските сили

Жителите почнаа да се враќаат во јужен Либан по повлекувањето на израелските сили

Бејрут, 24 јули 2026 (МИА) – Жителите на градот Завтар ал Гарбије во јужен Либан денеска почнаа да се враќаат во своите домови, откако израелските сили се повлекоа од подрачјето, а либанската армија се распореди согласно договорот постигнат со посредство на САД.

Дел од жителите ги обиколуваа оштетените куќи и ги бараа своите лични работи, но неизвесноста околу трајното враќање останува голема.

Градоначалникот Абед Езедин изјави дека повеќе од половина од градот е уништен, а голем број куќи се тешко оштетени.

Либанската армија во вторникот почна да се распоредува во Завтар ал Гарбије по повлекувањето на израелските сили, што претставува прв тест на планот договорен меѓу Либан и Израел во директни разговори со посредство на САД.

Планот предвидува либанската армија постепено да го презема оружјето на проиранското движење Хезболах во одредени области, додека израелските сили ќе се повлекуваат фазно за либанската војска да ја преземе контролата.

Израелската армија соопшти дека Завтар ал Гарбије е едно од трите населени места опфатени со почетната пилот-фаза на договорот.

Израелските сили и натаму контролираат дел од територијата на околу десет километри во внатрешноста на јужен Либан, каде што целосно уништија повеќе населени места.

Поради тоа, десетици илјади Либанци, раселени по почетокот на најновата војна меѓу Хезболах и Израел на 2 март, сè уште не можат да се вратат во своите домови.

Израелската војска и оваа недела продолжи со контролирани експлозии во местата што ги држи во близина на Завтар ал Гарбије.

Во меѓувреме, единиците на либанската армија го пребаруваат градот во потрага по мини и неексплодирани убојни средства, додека амбулантните возила вчера влегоа во градот за да ги евакуираат телата на припадниците на Хезболах загинати во судирите. ссм/

фото: ЕПА