• сабота, 25 јули 2026

Фон дер Лајен и Калас со остра осуда за новите руски напади врз Киевската област и Славјанск

Фон дер Лајен и Калас со остра осуда за новите руски напади врз Киевската област и Славјанск

Брисел, 24 јули 2026 (МИА) – Европската Унија ќе го повика постојаниот претставник на Русија во Брисел во врска со рускиот напад врз украинскиот град Славјанск и штетите нанесени на зградата на летонскиот конзулат - изјави високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Каја Калас.

Таа додаде дека ќе предложи нови санкции насочени кон руската воена индустрија.

„Неселективните руски напади врз Киев и другите области намерно, а не случајно, доведуваат до цивилни жртви“, напиша Калас на социјалната мрежа „Икс“. „Нападот врз Почесниот летонски конзулат во Славјанск го подвлекува целосното непочитување на меѓународното право од страна на Москва. Летонија ја има нашата целосна поддршка“, истакна таа.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен исто така ги осуди руските удари врз Киевската област и Славјанск.

„Сакам да изразам сочувство до семејствата и блиските на жртвите од уште еден руски напад врз Киевската област и Славјанск“, напиша Фон дер Лајен на „Икс“. Таа нагласи дека оштетувањето на летонскиот конзулат „уште еднаш го докажува целосното непочитување на дипломатијата од руска страна“.

Претходно денеска, украинските власти соопштија дека во руски удар со балистичка ракета врз воен полигон во Киевската област загинале најмалку 10 лица, а 100 се повредени. Русија исто така го нападна Славјанск со водени едрилички бомби, при што загинаа пет лица, а девет беа повредени.

„Укринформ“ пренесе дека денеска силите за противвоздушна одбрана на Украина неутрализирале една балистичка ракета „Искандер-М/С-400“. Покрај тоа, во воздушниот простор на Украина биле регистрирани над 90 непријателски напаѓачки дронови, од кои над една третина биле со млазни мотори.

До 16:30 часот по локално време, украинските противвоздушни сили собориле или неутрализирале 81 непријателско беспилотно летало, се наведува во соопштението на украинското Воздухопловство. Тие ги повикаа граѓаните да не ги игнорираат безбедносните мерки, да ги следат актуелните информации од официјалните извори и да се засолнат при објавување воздушна тревога, особено кога постои закана од напади со балистички ракети. ссм/

фото: архива