• понеделник, 01 јули 2024

Жителите од „Октомвриска револуција“ Куманово против плаќање Б-зона, надлежните ќе бараат заедничко решение

Жителите од „Октомвриска револуција“ Куманово против плаќање Б-зона, надлежните ќе бараат заедничко решение
Куманово, 30 јуни 2022 (МИА) - Жителите на комплексот згради од дел од булеварот „Октомвриска револуција“ вчера одржаа консултативен состанок на кој кажаа дека не сакаат да плаќаат за паркинг-места по иницијативата на надлежните на општина Куманово и ЈП „Куманово паркинг“ за формирање Б-зона.
Жителите велат дека не се против воведување на зоната, но дека како станари и жители кои веќе 30 години живеат во зградите сакаат да користат повластено паркирање. На средбата присуствуваа и претставници од советот и од ЈП „Куманово паркинг“.
Граѓаните велат дека најголем процент од станарите на комплексот од над 60-тина згради се изјасниле дека не сакаат да плаќаат за зоната. Тие посочуваат дека не учествувале во анкетата на претпријатието и се повикаа на изјавата на градоначалникот дека за воведување на Б-зоната ќе треба над 51 процент согласност, потенцирајќи дека 90 проценти од станарите се против плаќање паркинг во нивното подрачје. - Не сме против воведување на зоната. Имаме потписи од сите згради од сите станари кои велат дека нема да плаќаат Б-зона. Бараме и одржување на површините, чистење, уредување на просторот, изјави Бобан Кипријановски, жител на „Октомвриска револуција“. Дел од жителите велат дека зона може да се воведе и во други делови од градот. Борис Тасевски, жител, додава дека паркинг-места има и може да се користат на неколку локации, како на влезот од малиот кружен тек во близина на скривниците, отспротива кај локацијата „Табакана“ кај стар Житомел. - Зоната ако веќе се воведува треба да се воведе во сите делови од градот и во западниот дел од Куманово, рече Тасевски укажувајќи на примери на скопски општини каде резидентите не плаќаат за паркинг. Александар Трајковски, кажа дека сите станари дури од други локации на булеварот кој е долг повеќе од два километри се согласуваат исклучиво за повластено паркирање. Директорот на ЈП „Куманово паркинг“, Сашо Петрушевски, на средбата со граѓаните рече дека урбаното живеење подразбира уредени улици, зеленило но и паркирање. - Овде е исцртано во ДУП и приклучни улици и зеленило и одржување, но и паркинг. Ќе седнеме, ќе поразговараме со граѓаните, да видиме што е можно да се направи, рече Петрушевски. Претседателката на советот Ивана Ѓорѓиевска кажа дека е закажана средба со жителите в петок на која детално ќе ги разгледаат барањата на граѓаните и ќе се обидат да најдат заедничко решение кое ќе биде во интерес и на општината и на жителите. Според проценките на надлежните, Б-зоната, освен во овој дел од Куманово, ќе биде исцратана и кај Серава и на просторот во близина на градската џамија. ам/бт/

Остани поврзан