• петок, 22 ноември 2024

ЕУ ја осуди егзекуцијата на учесник на протестите во Иран во 2022 година 

ЕУ ја осуди егзекуцијата на учесник на протестите во Иран во 2022 година 

Брисел, 7 август 2024 (МИА) – Европската Унија најостро го осудува користењето на погубувањата како одговор на внатрешните несогласувања и ЕУ ги повикува иранските власти веднаш да ја прекинат практиката на изрекување и извршување на смртни казни врз демонстрантите и да водат конзистентна политика кон целосно нивно укинување, се наведува во реакцијата на Европската служба на надворешни работи (ЕЕАС) по повод вчерашната егзекуција на Иранецот, Голамреза Ресаи, кој беше осуден на смрт поради поврзаност со протестите во Иран во 2022 година. 

- ЕУ го повторува своето цврсто и принципиелно противење на употребата на смртна казна во секое време и во сите околности. Смртната казна е сурова и нехумана казна, која не придонесува за спречување на криминалот и претставува неприфатливо негирање на човечкото достоинство и интегритет. Тоа е казна што ги прави неповратни можните грешки на правдата, се додава во реакцијата. 

Според ЕЕАС, останува императив иранските власти да ги почитуваат правата на обвинетите поединци и да се погрижат оние кои се во притвор или затвор да не бидат предмет на каква било форма на малтретирање. 

- ЕУ ги повикува иранските власти да ги почитуваат своите обврски според меѓународното право, вклучително и Меѓународниот пакт за граѓански и политички права, чиј потписник е и Иран, се потенцира во изјавата на ЕЕАС. 

Иранскиот Курд, Голамреза Ресаи во октомври минатата година беше осуден на смрт од страна на Суд во иранската провинција Керманшах по обвинение за „убиство“ извршено за време на протестите во Иран од септември до декември 2022 година. Според Амнести интернешанл, пресудата на Ресаи е изречена врз основа на негово признание добиено со тортура и измачувања. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан