ЕУ проценува дека Иран и испорачува ракети на Русија, Кремљ не потврдува
- Кремљ денеска не потврди дека Иран го снабдувал со проектили, како што тврдат западни извори, но наведе дека Русија развива соработка со Техеран, особено во „најчувствителните области“.
Брисел, 9 септември 2024 (МИА) – Кремљ денеска не потврди дека Иран го снабдувал со проектили, како што тврдат западни извори, но наведе дека Русија развива соработка со Техеран, особено во „најчувствителните области“.
- Таквите информации не се секогаш точни, изјави портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков во врска со денешната изјава на портпаролот на ЕУ Питер Стано, но не ја демантираше, пренесе Бета.
- Иран е важен партнер, додаде Песков, нагласувајќи дека двете земји ја подобриле соработката „во сите можни области, вклучително и најчувствителните“.
Стано претходно изјави дека ЕУ проценува дека сојузниците имаат „веродостојни информации“ за испорака на балистички ракети од Иран за Русија.
- Го истражуваме прашањето со земјите-членки и доколку биде потврдено, таквото доставување ќе претставува важна материјална ескалација во поддршката на Иран за руската агресија против Украина, изјави Стано за новинарите во Брисел. јт/