• петок, 22 ноември 2024

ЕУ го актуелизира прашањето за надминување на кипарскиот спор 

ЕУ го актуелизира прашањето за надминување на кипарскиот спор 

Брисел, 10 април 2024 (МИА) - Меѓу заклучоците од Самитот на ЕУ што е планиран за 17 и 18 април во Брисел, е наведена и одредба со која шефовите на држави или влади на членките на Унијата ја истакнуваат важноста од постигнување напредок во разговорите за решавање на кипарското прашање. 

Во предлог-текстот се посочува дека Унијата „придава значителна важност на продолжување и напредок во разговорите за решавање на спорот на Кипар, што исто така може да ја зајакне соработката меѓу ЕУ и Турција“, како и дека европските лидери „остануваат целосно посветени на сеопфатно решение на кипарскиот проблем, во рамките на ОН и во согласност со релевантните резолуции на Советот за безбедност на ОН и со принципите на кои се базираат ЕУ и нејзиното законодавство“. 

Во текстот се нагласува и дека ЕУ е подготвена да игра „активна улога во поддршката на сите фази од процесот предводен од ОН со сите соодветни средства што и се на располагање“, но не се споменува и нејзино директно вклучување во разговорите, идеја што ја предлагаат властите во Никозија. 

Содржината на предлог-заклучоците за оваа прашање се уште е тема на дискусија и усогласување. 

ЕУ го поддржува ставот на ОН за решавање на кипарскиот проблем преку создавање на бикомунална и бизонална федерална држава и е против сценариото за поделба на островот на две држави. 

По воениот удар во Никозија во 1974 година, поддржан од тогашната хунта во Атина, чија цел беше припојување на островот кон Грција, Турција изврши инвазија врз Кипар, окупирајќи 37 отсто од територијата на земјата. Ваквиот развој на настаните резултираше и со преселба на етничките Грци од територијата под турска контрола и на Турците од деловите контролирани од Владата во Никозија, која ја сочинува претставници на грчката заедница. Во 1983 година на територијата под турска контрола беше прогласена т.н. Турска Република Северен Кипар, која е призната само од Анкара.  

Оттогаш, имаше неколку дипломатски обиди за решавање на проблемот, кои не вродија со плод. Спорот се чинеше најблиску до решение во 2004 година, кога тогашниот генерален секретар на ОН, Кофи Анан предложи План за повторно обединување на Кипар, кој предвидуваше создавање на федерација под името Обединета Република Кипар, составена од две федерални држави. На референдумот во турскиот дел на Кипар планот го поддржаа 64,91 отсто од гласачите, но во грчкиот дел тој беше отфрлен од 75,83 проценти од гласовите на избирачите. 

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш неодамна ја именува поранешната колумбиска министерка за надворешни работи Марија Анхела Олгин Куељар за свој личен претставник за Кипар, со идеја да придонесе за заживување на преговорите за кипарскиот спор, но засега нема знаци за напредок што би укажувале на можно одржување директни разговори. 

Лидерот на кипарските Турци, Ерсин Татар минатата недела во интервју за „Дејли Телеграф“ оцени дека секоја дискусија за повторно обединување на островот во федерација претставува „губење време“ и дека „единствениот пат напред“ во надминување на спорот е решението со создавање две држави. Според него, само „една мала грешка“ може да го претвори Кипар во „нова Газа“. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан