• недела, 22 декември 2024

ЕП одобри 2,7 милиони евра помош за 365 „стечајци“ од пропаднатиот белгиски трговски ланец „Меч-Смеч“ 

ЕП одобри 2,7 милиони евра помош за 365 „стечајци“ од пропаднатиот белгиски трговски ланец „Меч-Смеч“ 

Брисел, 22 октомври 2024 (МИА) – Европскиот парламент денеска со 601 глас „за“, 47 „против“ и 17 „воздржани“ го одобри барањето на Белгија за исплата на помош на 365 поранешни работници од компанијата за трговија на мало „Mеч-Смеч“, кои останаа без работа по пропаѓањето на нејзината белгиска подружница. 

Согласно планот, од Европскиот фонд за прилагодување на отпуштените работници на глобализацијата (ЕГФ) на поранешните вработени во „Mеч-Смеч“ треба да им бидат исплатени 2,7 милиони евра, како помош за евентуална преквалификација или наоѓање нова работа. 

Според податоците, речиси половина од овие работници се на возраст од над 50 години, поради што тешко можат да најдат ново вработување.  

За мерките за поддршка на поранешните работници на „Меч-Смеч“, Белгија предвиде 3,1 милиони евра, од кои 85 отсто или 2,7 милиони евра ќе бидат финансирани од ЕГФ, а останатите 15 проценти или речиси 470.000 евра ќе ги обезбеди Регионалната влада на Валонија. 

„Mеч-Смеч“ беше белгиски трговски ланец во сопственост на корпорацијата „Луј Делез Груп“ со над 200 супермаркети во Белгија (претежно во франкофонскиот регион Валонија), Франција и Луксембург. 

Поради работењето со загуба, лани во септември „Луј Делез Груп“ соопшти дека 57 од своите 77 супермаркети во Белгија ќе ги продаде на конкурентскиот ланец „Колруј“, а останатите ќе ги затвори, со што без работа останаа 690 работници. Поголемиот број од маркетите на „Mеч-Смеч“ во Франција беа продадени на „Карфур“, а во Луксембург на „Е.Леклер“, додека преостанатите беа затворени со згаснувањето на компанијата. сп/

Фото: Фејсбук

Остани поврзан