• петок, 10 јануари 2025

ЕК и Словачка договорија формирање Работна група за проблемот со прекинот на транзит на руски гас преку Украина 

ЕК и Словачка договорија формирање Работна група за проблемот со прекинот на транзит на руски гас преку Украина 

Брисел, 9 јануари 2025 (МИА) - Европскиот комесар за енергија и домување Дан Јоргенсен и словачкиот премиер Роберт Фицо денеска во Брисел постигнаа договор за формирање на Работна група на високо ниво за следење на состојбите поврзани со прекинот на транзит на руски гас преку територијата на Украина, од што најмногу се погодени Словачка и Молдавија. 

- Се договоривме да формираме Работна група на високо ниво за следење и идентификување на опциите врз основа на заедничка проценка на ситуацијата и да видиме како ЕУ може да помогне, се наведува во заедничката изјава од билатерална средба меѓу Јоргенсен и Фицо. 

Во изјавата се вели дека двајцата соговорници имале „добра и отворена дискусија“ за енергетската ситуација и пошироките импликации од прекинот на транзитот на рускиот гас преку Украина. 

- Словачка и Европската комисија ќе продолжат внимателно да разговараат за овие прашања, и на политичко и на техничко ниво, се додава во изјавата. 

Властите во Братислава претходно најавија дека за во вторникот во Брисел била закажана средба меѓу претставници на ЕК, Словачка и Украина посветена на прашањето со прекинот на транзит на гасот, но во понеделникот беше соопштено дека состанокот е откажан откако украинската страна најавила оти нема да присуствува на него.   

Европската комисија ниту ја потврди, ниту негираа информацијата за оваа средба, само посочи дека одржува контакти на политичко и на техничко ниво со сите страни засегнати од прекинот за транзит на руски гас преку украинска територија. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан