• сабота, 23 ноември 2024

Една жртва, изгорени куќи, објекти и огромна материјална штета во пожарот во поширокиот регион на Атина

Една жртва, изгорени куќи, објекти и огромна материјална штета во пожарот во поширокиот регион на Атина

Атина, 13 август 2024 (МИА) – Јагленисано тело на жена било пронајдено доцна синоќа во деловен објект што изгоре во атинска населба, што воедно е и првата жртва во големиот пожар што од неделата го зафати североисточниот дел на областа Атика, додека утрово ситуацијата со огнената стихија е значително подобрена, јави дописничката на МИА од Атина.

Пожарот остави изгорени куќи, објекти и огромна материјална штета на голема површина што надминува над 10.000 хектари.

Портпаролот на противпожарната служба на Грција Василис Ватракојанис, доцна синоќа рече дека ситуацијата е подобрена и постојат само помали активни жаришта.

Кусо по 5 часот утрово имаше големо разгорување во близина на населено место во источниот дел на областа Атика и до жителите беше испратена порака за евакуација од бројот 112 за итни случаи.

Пожарот е активен веќе трет ден, интервенираат 702 пожарникари со 27 пешадиски тима и 199 возила, како и голем број волонтери, а со првите зраци на сонцето почна гаснењето и од воздух.

Преку Европскиот механизам за цивилна заштита, Грција побарала помош во справувањето со огнените јазици, а позитивно одговориле Франција, Чешка, Италија, Србија, Романија и Турција, кои испраќаат противпожарни сили.

Воздушни средства испраќаат Турција, два противпожарни авиони тип „Tractors“, Србија еден хеликоптер од типот „Kamov“ и Франција хеликоптер од типот Супер Пума со кофа, додека пак копнените сили ќе пристигнат од Франција (200 лица, со 28 цистерни), од Романија, која испраќа 44 лица со четири цистерни, како и од Србија 35 лица со десет возила.

Од Италија утрово се очекува да пристигнат два противпожарни авиони Канадер, а Чешка испраќа 75 пожарникари и 25 возила, од кои 9 се цистерни. ср/ми/

Остани поврзан