• недела, 22 декември 2024

Единаесет ученици запишани во ученичкиот дом во село Драгоманце, општина Старо Нагоричане

Единаесет ученици запишани во ученичкиот дом во село Драгоманце, општина Старо Нагоричане

Куманово, 11 септември 2024 (МИА) - Единаесет ученици од повеќе планински села од козјачијата, Дејловце, Арбанашко, Кокино, Степанце, Враготурце се сместени во интернатот во село Драгоманце, општина Старо Нагоричане кој функционира во рамки на училиштето, „Христијан Тодоровски Карпош“ информираа денеска надлежните од училиштето.

Оваа година има запишан еден ученик плус во однос на претходната година. Интернатот има соодветни услови за престој на учениците.

-Ученичкиот дом располага со соодветни услови за престој на учениците, во моментов сместени се ученици од трето до деветто одделение. Заменети се прозорци, уредени се спалните, имаат топол оброк подготвен во кујната која функционира во интернатот. Соодветно се опремени тоалетите. Децата се под постојан надзор, изјави директорката на училиштето, Бојана Арсовска Јовановиќ.

Затоплувањето е на нафта и на огревно дрво, бидејќи може да се случи да снема електрична енергија во селото. Населените места од каде потекнуваат учениците се оддалечени и по дваесетина километри од училиштето и не можат секојдневно да патуваат до школото, бидејќи и секој ден нема автобуска линија. Капацитетот на интернатот е за 20 ученика.

- Немаме забелешки за функционирањето на интернатот. Последната деценија запишуваме по десетина деца. Имало години кога се и по 40-тина деца, кажуваат колегите кои се подолго време во образованиот процес. Годинава запишавме тројца првоодделенци, а вкупно имаме 62 ученика. Миграцијата го направи своето, изјави Арсовска Јовановиќ.

„Христијан Тодоровски Карпош“ е едно од трите основни училишта во руралната општина Старо Нагоричане. ам/сст/


Фото: МИА архива

 

Остани поврзан