Европската автоиндустрија загрижена од последиците од американските царини
- Претставниците на европската автомобилска индустрија изразуваат голема загриженост за пошироките импликации на американските царини, особено поради ризикот од пренасочување на пласманот на возила од трети земји кон пазарите во ЕУ, јави дописникот на МИА од Брисел.

Брисел, 8 април 2025 (МИА) - Претставниците на европската автомобилска индустрија изразуваат голема загриженост за пошироките импликации на американските царини, особено поради ризикот од пренасочување на пласманот на возила од трети земји кон пазарите во ЕУ, јави дописникот на МИА од Брисел.
Ваквата загриженост беше изразена на денешната средба на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен со претставници на автомобилската индустрија од ЕУ, посветена на последиците на американските царини врз секторот за производство на автомобили, автомобилски делови и комерцијални возила.
Целта на средбата, како што соопшти ЕК, беше размената на мислења и предлози од индустријата за најефикасен одговор на ЕУ на американските мерки.
Претставниците на европската автомобилска индустрија ја истакнала и неизвесноста што ја создаваат овие мерки за интегрираните синџири на снабдување, особено во автомобилскиот сектор од двете страни на Атлантикот.
- Тие изразија поддршка за намалување на царините од двете страни како дел од решението преку преговори, пат на кој Европската комисија останува посветена. Учесниците, исто така, споделија ставови за перспективите за потенцијалот од намалување на нецаринските бариери од страна на ЕУ и САД на взаемно корисен начин, се наведува во соопштението.
Европската автоиндустрија, исто така, ја охрабрила Европската комисија да ја имплементира својата агенда за конкурентност, особено преку забрзување на активностите вклучени во Акцискиот план за автомобилскиот сектор. сп/
Фото: МИА Архива