• среда, 18 декември 2024

Државен натпревар за млади иноватори и техничари во Пехчево

Државен натпревар за млади иноватори и техничари во Пехчево

Пехчево, 26 октомври 2024 (МИА) - Во Пехчево денеска се одржа државен натпревар на млади истражувачи од Македонија - Наука на млади и државен натпревар на младите техничари и природници од Македонија-СКМТП. 

Домаќин на настанот е Општинското основно училиште „Ванчо Китанов" од Пехчево, во чии простории учениците од основните и средните училишта и нивните ментори изработуваа истражувачки и иновативни проекти во 25 области од применети природни и технички науки.

Настанот го отвори градоначалникот на Пехчево, Александар Китански кој истакна дека организирањето на натпревари од ваков тип на државно ниво е посебно значајно за младите кои со учество на овие натпревари имаат можност да разменат искуствата, да се запознаат со нови методи и технологии на работење.

- Ова претставува еден патоказ на младите кон освојувањето на техничките знаења со значајни стручно-технички содржини. За поздравување е организацијата на Народна техника на РМ каде следејќи го научно- техничкиот прогрес, успеа да развие една широка лепеза на активности чии резултати се очигледни во образованието, науката, одбраната, во откривањето и стимулирањето на надарени млади во стопанството. Голем број на млади аматери што поминале низ бројни организации на Народна техника денес се респектирани научни и истражувачки работници, академци, универзитетски професори, конструктори, фотографи, филмски дејци и други, рече Китански.

Директорката на училиштето Добрила Јовевска им се заблагодари на организаторите за укажаната чест и им посака успех на учесниците во натпреварите. 

- На натпреварувачите им порачувам да дадат се од себе и да бидат најдобри, да се стремат и денес и во иднина да го развиваат својот детски ум, да бидат љубопитни, иновативни и креативни, а пред се да се потрудат да си ги реализираат своите креативни, научни, технички имагинации, рече Јовевска.

На штандовите забележливи беа повеќе иновации карактеристични за модерното време, но и практични елаборации за производи кои учесниците сами ги создале, а имаат за цел заштита на човековото здравје, еколошки пронајдоци и иновации за заштита на климата со акцент на прочистување на воздухот по опожарување. 

По прегледувањето на сите изуми на кандидатите, комисијата ќе ги прогласи победниците кои се распределени во повеќе категории. Најдобрите ќе учествуваат во понатамошни домашни и меѓународни натпревари. вс/бак/


Фото: МИА

Остани поврзан