• понеделник, 01 јули 2024

Донаторски базар во Прилеп, хуманоста на медицинските сестри на дело

Донаторски базар во Прилеп, хуманоста на медицинските сестри на дело

Прилеп, 1 јуни 2024 (МИА) - На Меѓународниот ден на детето, 1 јуни, денеска на платото пред Градскиот саат во Прилеп се одржува донаторски базар. Се продаваат производи, ракотворби, од општествено одговорни фирми, поединци, од здружението „Преродба“, од манастирот „Рајчица“, а средствата се наменети за да им се помогне на медицински сестри со деца. Децата од училиштата изведоа и приредба.

Хуманоста е секогаш на дело и е дел од професијата на медицинските сестри.

- Денеска во Прилеп, Унијата на здруженијата на медицинските сестри организира донаторски базар за да вратиме уште неколку детски насмевки кај дечиња на наши колешки кои побараа помош и се обратија во здружението. Ова е начин медицинските сестри да ја покажат својата хуманост. Голема благодарност до општествено одговорните фирми и поединците кои донираат, рече Гордана Бешлиевска, претседателка на Унијата на здруженија на медицинските сестри.

Унијата го бара законот за озаконување на професијата. Ќе ги црпи искуствата од Словенија. Само подобрените услови за работа може да ја запрат миграцијата. Моментално недостасува 50 отсто од кадарот.

- Ќе го следиме законот за сестринството во Словенија за да може да го имплементираме кај нас, за да имаме здрава работна средина, автономност во професијата, важно е да имаме кариерен развој, да ни бидат признаени образованијата во болниците за да ја сопреме миграцијата на медицинските сестри. Во земјава се 9 200 медицински сестри и поради недобрата прераспределба, некаде недостасуваат и над 50 проценти, некаде можеби бројката е задоволена. Но, според стандардите, недостига 50 отсто од кадарот. Мора тоа да го сопреме тоа со подобрените услови за работа на медицинските сестри, изјави Бешлиовска во Прилеп. ем/ир

Фото: МИА

Остани поврзан