• вторник, 24 декември 2024

Дождот добредојден за земјоделските култури

Дождот добредојден за земјоделските култури

Скопје, 18 септември 2024 (МИА) - Повремените врнежи што деновиве ја зафатија земјава се корисни и добредојдени за сите земјоделски култури, велат агрометеорлозите. Објаснуваат дека поради долгиот сушен период во изминатиот период и високите температури, дождот ќе го подобри водно-физичкиот режим на почвата и ќе ја зголеми нејзината влажност што беше намалена.

Според агрометеоролозите на УХМР, побарувањата на вода се големи скоро кај сите земјоделски култури.

-Влажноста на почвата е многу значаен фактор за одгледување на земјоделските култури и за остварување квалитетен принос. Побарувањата од вода се големи скоро кај сите земјоделски култури, а токму овие количества врнежи кои паѓаат и паднаа во изминатите денови, ќе бидат потребни и корисни и за предсеидбена подготовка на почвата кај есенските култури што има значење за постигнување високи приноси, истакнуваат агрометеоролозите.

Додаваат и дека врнежите ќе придонесат за дополнување на вештачките акумулаци кои беа со намалено ниво на вода, како и за подобрување на општата хидролошка состојба во земјава.

-Се препорачува земјоделските производители да продолжат со активностите и грижата за нивните посеви, напоменуваат агрометеоролозите на УХМР. мч/лв/

фото: МИА архива

Остани поврзан