• петок, 22 ноември 2024

Доделени 13 грантови за помош на локалните заедници во националните паркови Шар Планина и Маврово

Доделени 13 грантови за помош на локалните заедници во националните паркови Шар Планина и Маврово

Гостивар, 3 ноември 2023 (МИА) – Тринаесет локални организации кои делуваат во подрачјата на националните паркови „Шар Планина“ и Маврово добија вкупно 160 илјади евра за проектни активности. Локални организации ќе спроведуваат локални проекти за заштитата на животната средина и биолошката разновидност, одржливо користење на природните ресурси, недрвни шумски производи и туризам заснован на природа.

Денеска во Маврово беа потпишани договорите со избраните грантисти на настан кој е дел од проектот „Одржливо користење на природните ресурси во Кораб Коритник, Шар и Албанските Алпи“, имплементиран од CNVP и финансиски поддржан од PONT.

Заменик министерката за животна средина и просторно планирање Христина Оџаклиеска ја потенцираше важноста на поддршката и соработката на сите чинители на регионално ниво.

- Искрено се надевам дека преку обезбедената поддршка на локалните заедници ќе се иницира социо-економски развој во полошкиот и мавровскиот регион, и ќе обезбеди директна поддршка на локалните невладини организации, заштитени подрачја, општини, мали и средни претпријатија и други локални заедници кои делуваат во регионот“, истакна Оџаклиеска.

Нехат Рамадани, директор на CNVP Северна Македонија, истакна „ПОНТ е стратешки донатор и во обраќањето напомена дека станува збор за значајна поддршка.

- Целта е да се задржи населението во руралните средини и да се запре иселувањето, да им се овозможи на жителите во планинските села да живеат достоинствен живот, да ги задржиме младите во своите домови, и да ги научиме како да живеат во хармонија со природата, рече Рамадани.

По потпишувањето на договорите беа претставени избраните проекти и ги запознаа присутните со она што треба да го реализираат во заштитените подрачја на Шар Планина и Маврово.

Корисници на потгрантови се локални организации регистрирани во заштитени подрачја на Националниот парк Шар Планина и Националниот парк Маврово. згм/ир

Фото: CNVP Foundation

Остани поврзан