ДКСК: Очекуваме вклученост и реакција од релевантните државни субјекти за разрешувањето на претседателка на Судскиот совет
- Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) соопшти дека очекува вклученост и реакција од сите релевантни државни субјекти за случајот со разрешувањето на претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева. - Имајќи ја предвид позиционираноста на Судскиот совет како највисок орган на судската власт, кој треба да се залага за бескомпромисно почитување на принципот на владеење на правото и за обезбедување на независноста на судската власт како трет столб на власта, Државната комисија изразува сериозна загриженост за случувањата на седницата на Судскиот совет, од кои во медиумите беа презентирани и видео записи, се наведува во денешното соопштението на ДКСК.
Скопје, 27 април 2023 (МИА) - Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) соопшти дека очекува вклученост и реакција од сите релевантни државни субјекти за случајот со разрешувањето на претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева.
- Имајќи ја предвид позиционираноста на Судскиот совет како највисок орган на судската власт, кој треба да се залага за бескомпромисно почитување на принципот на владеење на правото и за обезбедување на независноста на судската власт како трет столб на власта, Државната комисија изразува сериозна загриженост за случувањата на седницата на Судскиот совет, од кои во медиумите беа презентирани и видео записи, се наведува во денешното соопштението на ДКСК.
Комисијата ги потсетува лицата кои се на највисоки државни функции и вршат јавни овластувања, на обврската за почитување на начелата на законитост и интегритет од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.
- Начело на законитост: „(1) Секој е должен во вршењето на функцијата, јавните овластувања и службената должност да постапува во согласност со Уставот и со законите. (2) Никој не смее да ја користи функцијата, јавното овластување, службената должност и положба за извршување или пропуштање на дејствие што според закон не смее, односно мора да го изврши, ниту да го подреди извршувањето на законито дејствие на својот личен интерес, ниту на интересот на друго лице. (3) Никој не може да биде повикан на одговорност за корупција освен во случаите и условите предвидени со овој закон, со Кривичниот законик и друг закон и во постапка пропишана со закон“, се посочува во соопштението.
Од ДКСК посочуваат и на начелото на интегритет. - (1) Секој е должен во вршењето на функцијата, јавното овластување и службената должност да постапува совесно, стручно, одговорно, чесно, ефикасно и непристрасно. (2) Службеното лице во извршувањето на јавните овластувања и должности е должно да ги почитува начелото на законитост, начелото на еднаквост, начелото на јавност, етичките норми и професионалните стандарди, без дискриминација или повластување на кој било со целосно почитување на јавниот интерес. (3) Службеното лице во вршењето на својата функција е должно да внимава на евентуален судир на интереси и при извршувањето на јавните овластувања и должности не смее да се раководи од лични, семејни, верски, партиски и етнички интереси, ниту од притисоци и ветувања од претпоставениот или од друго лице, нагласува ДКСК во соопштението.
Комисијата укажува и на член 39 став 1 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, со кој се забранува какво било влијание при избор, именувања и разрешување на раководни места.
- Член 39. (1) Политичка партија или лице што настапува во име на политичка партија не смее да врши притисок при избор или именување, или разрешување на лице на службена, раководна или друга функција или должност, освен во случаите во кои со закон е определена надлежност на претседателот на Републиката, Собранието и Владата на Република Македонија, или органите на единиците на локалната самоуправа да вршат избор, именување, или да даваат мислење или согласност, се додава во соопштението од ДКСК. мд/сп/
Фото: МИА архива