• недела, 22 декември 2024

Монографија од Фатима Салифоска објавена на албански јазик

Монографија од Фатима Салифоска објавена на албански јазик

Скопје, 22 ноември 2024 (МИА) - По повод Денот на Албанската азбука - 22 Ноември, објавена е книгата „THEMELET CIVILIZUESE TË GJEOPOLITIKËS SË BALLKANIT NË PRIZMIN E MARRËDHËNIEVE MAQEDONO-TURKE“ од доц. д-р Фатима Салифоска. Книгата првпат е објавена на македонски јазик во август 2022 година со наслов: „Цивилизациските темели на геополитиката на Балканот низ призмата на македонско-турските односи“.

Преводот на монографијата е поддржан од Министерството за култура и туризам преку годишната програма за финансирање на програми и проекти од национален интерес во културата за 2024 година.

Како што информира авторката, книгата е структурирана во вовед, четири тематски поглавја, заклучни согледувања и прилог. Трудот ги истражува теориите на геополитиката, историскиот развој на турската држава во меѓународните односи, како и позиционираноста на Република Турција во геополитичките текови. Монографијата нуди аргументирани одговори на неколку клучни прашања за тоа кои се цивилизациските темели на геополитиката на Балканот и на кој начин влијаат врз македонско-турските односи, причините за силниот и интензивен развој на македонско-турските односи во минатото и денес, како и тоа дали постои можност за подобрување на македонско-турските односи и во која насока и мера тие би требало да се развиваат.

Доц. д-р Фатима Салифоска (Кичево, 1989) е политиколог со повеќегодишното работно искуство во јавниот и во приватниот сектор. Како проектен координатор, проектен асистент, истражувач, фасилитатор и модератор учествувала во реализација на бројни проекти поддржани од меѓународните организации. Од 2021 година е вработена во Институтот за духовно и културно наследство на Албанците – Скопје. Авторка и коавторка е на четири книги и десетина статии во релевантни научни и стручни списанија на македонски, англиски, албански, турски и српски јазик.

Книгата „THEMELET CIVILIZUESE TË GJEOPOLITIKËS SË BALLKANIT NË PRIZMIN E MARRËDHËNIEVE MAQEDONO-TURKE“ ќе биде достапна за читателската публика во книжарниците ширум земјата од почетокот на декември. мд/ац/

Фото: Фатима Салифоска

Остани поврзан