• петок, 22 ноември 2024

Де Вевер доби задача да се обиде да обезбеди мнозинство за формирање белгиска Влада 

Де Вевер доби задача да се обиде да обезбеди мнозинство за формирање белгиска Влада 

Брисел, 27 јули 2024 (МИА) - Белгискиот крал Филип на лидерот на десничарската Нова фламанска алијанса (Н-ВА), Барт Де Вевер му довери задача да се обиде да обезбеди парламентарно мнозинство за формирање на нова Федерална влада на Белгија. 

Како што соопшти белгиската Кралска палата, Де Вевер разговарал час и половина со кралот при што го информирал за резултатите од неговите активности како „информатор“ за можностите за формирање нова Влада. 

Кралот Филип пред две недели го задолжи Де Вевер во консултација со останатите парламентарни партии да ги испита можностите за формирање владина коалиција по парламентарните избори одржани на 9 јуни.  

Според Кралската палата, врз основа на заклучоците од неговата мисија како „информатор“, кралот го задолжил Де Вевер да се обиде да обезбеди мнозинство за формирање нова влада. 

Де Вевер сега има рок најдоцна до 10 јули да го информира кралот дали го обезбедил потребното мнозинство. 

Како што јавија белгиските медиуми, по аудиенцијата кај кралот, Де Вевер, кој е актуелен градоначалник на Антверпен, одбил да даде изјава. 

Партијата на Де Вевер победи на изборите на 9 јуни, освојувајќи 24 пратенички места во 150-члениот Претставнички дом на белгискиот Федерален парламент. 

По изборите, Де Вевер изјави дека би сакал да биде нов белгиски премиер во влада која би ја сочинувале неговата Н-ВА, двете либерални партии – валонското Реформско движење (МР) и Отворени фламански либерали и демократи (Опен ВЛД) и двете демохристијански партии – Христијански демократи и Фламанци  (ЦДВ) и валонската Посветени (ЛЕ). Но, по лошите изборни резултати Опен ВЛД на актуелниот белгиски премиер Александер Де Кро најави дека планира да премине во опозиција.  

Како друга можна коалиција, што математички би имала мнозинство, е и онаа составена од Н-ВА, МР, ЦДВ, ЛЕ и фламанската социјалдемократска партија Напред (Воројт). Таквата, коалиција би имала мнозинство и на федерално ниво, но и меѓу пратениците од двете јазични заедници – холандската (фламанската) и француската (валонската).  

Во Претставничкиот дом на Федералниот парламент, Н-ВА има 24 пратеници, екстремно десничарската Фламански избор (ВБ) и МР по 20, валонската Социјалистичка партија (ПС) 16, левичарската Работничка партија на Белгија (ПВДА/ПТБ) 15, ЛЕ 14, Воројт 13 и ЦДВ 11 мандати. Опен ВЛД освои седум места, фламанските Зелени шест, валонската еколошка партија Еколо три и бриселската регионална либерална партија Независни федералистички демократи (ДЕФИ) еден пратеник. сп/

Фото: ЕНР/Белга

Остани поврзан