• понеделник, 01 јули 2024

Десетици илјади Израелци по 32-ри пат протестираа против реформите во судството

Десетици илјади Израелци по 32-ри пат протестираа против реформите во судството

Тел Авив, 12 август 2023 (МИА) - Десетици илјади Израелци синоќа учествуваа на новите демонстрации во Тел Авив против контроверзниот план за реформи во правосудниот систем, за кој противниците тврдат дека е закана за демократијата.

Најголемите демонстрации се одржаа во Тел Авив, 32-та сабота по ред, а протести имаше на стотина места низ земјата.

Израелските медиуми објавија дека во тој град се собрале повеќе од 100.000 луѓе, според податоците на компанијата „Краудсолушнс“, а уште илјадници протестираа на раскрсниците и во други градови во Израел.

Лидерката на протестното движење, доктор по физика Шикма Бреслер, пред демонстрантите во Тел Авив изјави дека и покрај паузата на работата на Кнесетот (израелскиот парламент), заканата од планот на владејачката коалиција не е елиминирана.

Коалицијата предводена од премиерот Бенјамин Нетанјаху, која ги вклучува, покрај неговата конзервативна Ликуд, ултрадесничарските партии и ултраортодоксните Евреи, објави план за реформи во јануари.

Тоа предизвика едно од најголемите протестни движења во историјата на Израел.

Десетици илјади демонстранти се собираат на протести секоја сабота.

Владата наведува дека целта на реформата е, меѓу другото, да се балансираат гранките на власта со намалување на овластувањата на Врховниот суд, кои извршната власт ги смета за политизирани, во корист на парламентот.

Противниците на реформата сметаат дека таа го отвора патот за авторитарно владеење. паг/

Фото: ЕПА

 

 

 

Остани поврзан