• сабота, 06 јули 2024

Демир Хисар низ боите и звуците на уметноста

Демир Хисар низ боите и звуците на уметноста
Скопје, 25 август 2022 (МИА) – Ликовната изложба на академскиот сликар Јован Петров, што ќе се одржи вечерва во просториите на Домот во село Суводол, ќе го означи и почеток на проектот Демир Хисар низ боите и звуците на уметноста II. Демир Хисар низ боите и звуците на уметноста II е интердисциплинарен проект што се реализира од втората половина на месец август сè до средината на месец септември 2022 година. Проектните активности на манифестацијата ќе бидат спроведени на повеќе локации во општината и тоа во селскиот дом и селската продавница во Суводол, селскиот дом и селската продавница во селото Вардино, библиотеката АЛ-БИ во селото Бабино, Психијатриската болница, сè со цел подеднаква застапеност и пристапност на локалното население кон културните активности, како и децентрализација на културните настани. Проектот има за цел да ја зајакне независната културна сцена во општината, а воедно со воведувањето на активности во руралните средини, исто така има за цел да ги активира и трансформира запуштените селски објекти. Од областа на ликовната уметност, предвидени се четири изложби на Јован Петров, Емил Николовски, Митко Панов и изложба од приватната колекција на ЦКИ-НЕБО, фотографии креирани од лица хоспитализирани во Психијатриската болница во Демир Хисар. На трети септември во Библиотеката „АЛ-БИ“ во Бабино ќе биде одржан музички настап на Дориан и Добрила Дуо, додека пак на 10 септември на истата локација ќе се одржи поетска дружба со Тихомир Јанчовски и Игор Трпчески. Во филмскиот дел, ќе биде прикажан првиот македонски долгометражен филм за децаСтела. Проектот е во организација на Центарот за креативни индустрии –Небо од Суводол и истиот е финансиски поддржан од страна на Министерството за култура, преку конкурсот за поддршка на проекти од национален интерес за 2022 година. свс/нд/

Остани поврзан