• петок, 05 јули 2024

Театарската претстава „Кенди“ во изведба на „Златен елец“ на Скопско лето

Театарската претстава „Кенди“  во изведба на „Златен елец“ на Скопско лето

Скопје, 5 јули 2024 (МИА) - Театарската претстава „Кенди“ според романот на Лук Дејвис (Candy: A Novel of Love and Addiction), во продукција на Театар „Златен елец“ ќе биде изведена вечер во 20 часот на малата сцена на Драмски Театар – Скопје во рамки на јубилејното 45. издание на манифестацијата „Скопско лето“. 

Адаптацијата и режијата е на Тамара Стојаноска, а во претставата играат Лео Поповиќ и Бобан Алексоски. Музиката е на Лука Тошев, вокал и укулеле - Лео Поповиќ, видео - Тамара Малкоска. Бојана Цилевска е автор на дизајн на постер и рекламен материјал. Фотографијата е на Стефан Самандов од МОТ 2023.

„Кенди“ е дуодрама во која се зборува за зависност кај младите со фокус на опијатната зависност според романот на Лук Дејвис (Candy: A Novel of Love and Addiction), авторски текстови и материјали од ХОПС – Опции за здрав живот Скопје.

-Претставата е анатомија на една љубов, шетање низ спомените на еден пар чија љубовна врска постепено се изобличува, станува механичко трагање по еуфорија, бегство од притисокот на секојдневниот живот и траумите. Приказ на едно „современо“ општество кое дозволува огромна стигма и дискриминација кон корисниците на дроги и останатите маргинализирани заедници. Најзначен фактор кој ја намалува можноста од злоупотреба на дроги се токму родителите, кои, во многу случаи, последни се соочуваат со проблемот. Општествената стигматизација и институционалната дискриминација водат кон ширење омраза и насилство, недостатоци во здравствениот систем и идни случаи на предозирање и злоупотреба на дроги, се посочува за претставата.

Претстава дови Награда за најдобра партнерска игра „Бранко Ѓорчев“ на Интернационален фестивал на дуодрама „Бранко Ѓорчев“ во Неготино во 2023година и награда за најдобра претстава во селекција на домашна продукција „БИШ“ на МОТ 2023 година.

Проектот се реализира во соработка со ХОПС - Опции за здрав живот Скопје.

Билетите се во продажба на eTickets (karti.com.mk). вг/

Фото: Плакат

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан