• петок, 28 јуни 2024

Делчевскиот Совет го усвои ребалансот на Буџетот

Делчевскиот Совет го усвои ребалансот на Буџетот
Делчево, 2 ноември 2022 (МИА) - Делчевскиот Совет го усвои ребалансот на Буџетот во кој беше вметнато барањето на советниците за зголемување на износот за трансфери до невладини организации. Советниците во исто време побараа да се намалат дневниците на општинската администрација и други расходи, одлука која беше прифатена во рамки на денешното продолжение од 15-тата седница, која претходно беше прекината.
-Со предлозите од страна на советниците, износот на трансфери до невладини организации е зголемен за 230.000 денари. Воедно со ребалансот донесена е одлука да се намалат дел од дневниците на општинската администрација за 30.000 денари. Одлуката е донесена, измените ќе бидат вметнати во ребалансот и така донесениот ребаланс претставува нов буџет за 2022 година, кој ќе се применува до крајот на годината, истакна Анка Христова од Одделението за финансии при Општина Делчево.
Со новиот ребаланс вкупните приходи во основниот буџет на Општина Делчево бележат зголемување како резултат на зголемување на приходите од ДДВ.
-Зголемувањето е во висина од 3,4 милиони денари, при што според информациите кои ги имаме се очекува тоа да биде уште поголемо и во наредните месеци. Што се однесува до билансот на расходите, истиот изнесува 305,9 милиони денари. Во расходниот дел има зголемување во делот на платите и надоместоци од плати, во износ од 1,7 милиони денари, меѓутоа ако се земе во предвид дека во пренамената од 8 месец, имавме намалување на платите од Општинската администрација за да тие средства се префрлат за плаќање на електрична енергија, кои недостасуваа поради покачувањето на цената на електрична енергија и дел за плата од нашиот буџет на Територијалната противпожарна единица, всушност ќе се види дека нема реално покачување на платите од планираниот износ со Буџетот за 2022 година, додаде Христова.
Освен ребалансот, советниците донесоа и одлука, со која се дава на трајно користење на ЈКП „Брегалница“ возило ИВЕКО и 169 метални контејнери согласно со потпишаниот Договор меѓу Општина Делчево и Министерството за финансии. вс/сст/

Остани поврзан